Мнозинството и претседателот на Собранието итно да ги најдат измените на Законот за патни исправи, кои ги поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и да се донесат на итна седница, повика денеска од Штип координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.
Мицевски присуствуваше на средбата со дополнителната заменик-министерка за финансии Елена Петрова и претставници на бизнис секторот од Штип. Посочи дека доколку нема можност за итна седница, во тој случај на 28 февруари пратениците имаат седница, на која можат да ги донесат измените на овој Закон.
-Меѓутоа интересно е тоа што законот за патни исправи, иако се однесува на измени, исто како и за законот за возачки дозволи, е да продолжи неговото важење до 31.12.2024 година, со што би се релаксирала состојбата по однос на издавањето и добивањето на патните исправи. Би се ускратила можноста за повреда на членот 27 од Уставот во делот на слобода на движење на граѓаните, со што има повреда и на меѓународни и европски конвенции и декларации за движење. Законот за жал е заглавен некаде во лавиринтите во Собранието и апелирам до претседателот на Собранието и владејачкото мнозинство, итно да се најде законот и да го стават на итна седница. Доколку нема можност за итна седница на 28 февруари, за неколку дена имаме седница на којашто би можело да ги направиме и овие измени. Доколку не е прифатлив тој Закон поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, им предлагам да поднесат, ист идентичен таков Закон, којшто ние ќе го поддржиме, изјави Мицевски.
Тој додаде дека граѓаните имаат проблеми кои се предизвикани од, како што вели, Владата во заминување. Иако на 12 февруари како пратеничка група, но и мнозинството на пратеници поднеле барања за итна седница за измените на законот за безбедност во сообраќајот, односно за возачките дозволи, ги поддржале истите законски решенија доставени од владејачката коалиција со цел, како што рече, да не играат политиканство и да се реши проблемот на граѓаните.