Многу сериозни индиции упатуваат на скандалозна причина поради којашто се настанати компликациите кај пациентите со оперирани очи, за што известивме. Одговорноста води кон највисокиот врв во здравството и Никола Тодоров, вели Злате Мехмедовиќ, член на Комисијата за здравство на СДСМ.
За време на операциите на пациенти, според информации од болнички извори, во очите им е ставана инјекција што не е наменета за очи!
Тоа, според информациите што ги имаме е препаратот Авастин.
Овој препарат, според упатството на производителот е наменет само за венска употреба.
Производителот, посебно предупредува дека се потребни посебни мерки за претпазливост при неговата употреба.
И во извештајот од Агенцијата за лекови е наведено дека Авастинот не е одобрен за употреба во очи.
Бараме одговор веднаш од Никола Тодоров, не смее повеќе да се крие ни минута:
Кој го донел препаратот Авастин на Клиниката за очни болести и наложил да се става на пациенти во очи?
Колкумина пациенти се во ризик од компликации и дали и како тие компликации ќе се одразат врз видот на пациентите?
Клиниката за очни болести во писмено соопштение веќе потврди дека го употребуваат препаратот Авастин.
Во светот се забележани повеќе случаи на појава на сериозни инфекции со делумно или целосно губење на видот после апликацијата на Авастин во очи.
Укажуваме, ова е злосторство врз здравјето на пациентите.
За овој скандал ќе има одговорност!