Мехази: Од јануари до април поднесени само 68 барања за Ин Витро оплодување за второ дете

Од:

Искористувањето на здравствената услуга за биомедицинско потпомогнато оплодување за второ дете на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) годинава е на ниско ниво односно од јануари до крајот на април се поднесени 68 барања, а Фондот предвиде средства за околу 1.000 осигуреници.

Ова денеска на прес-конференција го истакна директорот на ФЗОМ, Џемали Мехази, кој рече дека една од причините е тоа што за да се подготви документацијата за правото на Ин Витро за второ дете кое стартуваше од 1 јануари, се потребни еден до два месеца.

Тој упати апел до матичните гинеколози да ги информираат осигурениците за потребната документација за остварување на правото за БПО со цел да се намали бројот на случаи кои се вратени поради недоставена комплетна документација.

– Со цел да им помогнеме на матичните гинеколози во овој процес ФЗОМ ќе почне со одржување едукативни работилници за матичните гинеколози за тоа како и каде треба да го упатат својот пациент кој сака да го оствари правото на БПО на товар на ФЗОМ согласно Правилникот за БПО, рече Мехази.

Посочи дека во 2014 година за услугата за биомедицинско потпомогнато оплодување за прво и второ дете буџетот на Фондот изнесува 160 милиони денари, а во 2013 година тој буџет за БПО за прво дете изнесуваше 63 милиони денари.

– Во 2013 година поднесени биле 1.718 барања за БПО за прво дете од кои позитивно се решени 1.039 (60 отсто), за 656 барања (38 отсто) во тек е постапка и се побарани дополнителни информации. Шест од поднесените барања се негативни, а 17 се во второстепена постапка, рече Мехази.

Тој нагласи дека за прво Ин Витро оплодување од јануари до крајот на април годинава се поднесени 603 барања од кои позитивно се решени 338 (56 отсто), за 265 (44 отсто) во тек е постапка.

– За Ин Витро оплодување за второ дете од јануари до април годинава се поднесени 68 барања од кои 56 се позитивно решени, а за 12 во тек е постапка. Во првите четири месеци од 2014 година за Ин Витро оплодување за прво и второ дете поднесени се вкупно 671 барање од кои позитивно се решени 394 (59 отсто), а во постапка се 277, истакна Мехази.

Меѓу причините за добивање негативно известување од Комисијата за биомедицинско потпомогнато оплодување, како што рече, од административен аспект е искористеноста на правото на БПО на товар на Фондот до три обиди, а од медицински аспект е неисполнување на медицинските индикации согласно Правилникот на БПО.

– Најчесто барана дополнителна медицинска документација се: AIH инсеминации со растојание од два месечни циклуси меѓу инсеминациите, 3D/4D ехо со писмен извештај од гинеколог, антимилериан хормон, спермограм не постар од шест месеци…, микробиолошки и вирусни маркери итн., додаде Мехази.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство