ВИДЕО: Меѓународен ден на демократијата – Демократските вредности да бидат заедничка определа на сите

Од:

Парламентарно мнозинство има јасно изразена политичка волја да продолжи со една поголема динамика во натамошниот развој на демократијата, вистинското владеење на правото и функционирањето на правната држава, јакнењето на улогата на Собранието, меѓутоа и одговорноста пред се на парламентарното мнозинство, ама и на опозицијата.

Ова го порача претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери вечерва по повод 20 години од усвојувањето на Универзалната декларација за демократија на Интерпарламентарната унија и 10 години од прогласувањето на Меѓунардниот ден на демократијата – 15 септември.

Џафери рече дека во отсуство на силен и ефективен демократски парламент, државата ја губи својата легитимност. Додаде дека е важно оти овие определби и заложби граѓаните ги препознаваат и поддржуваат.

– Да не заборавиме дека демократијата, уште од антиката па до денес, е процес кој постојано се надградувал и развивал. Таа задача и одговорност е на сите нас кои во овој општествен момент сме во политиката, меѓутоа одговорност има и невладиниот сектор, како и секој граѓанин, потенцира Џафери.

Истакна дека институциите во процесите на демократијата, особено во хетерогените, односно плуралните општества како што е нашето, преку вклучување на луѓе мора да ги осигураат различноста и плурализмот, без разлика дали станува збор за етничка, верска или која било друга карактеристика.

Премиерот Зоран Заев на одбележувањето истакна дека демократските вредности се наша заедничка определба и оти сите заедно Владата, Парламентот, претседателот на државата, власта, опозицијата, институциите, граѓанските организации, експерти и поединци треба да застанат заеднички зад граѓанските интереси.

– Владата искрено сака и правиме напори да продолжиме. Напори да работиме заедно. Секој да биде вклучен, да биде отворен. Секој да добие можност. Да се почитуваме затоа што секој е важен. Така се гради едно заедничко општество за сите, што е и иднината на Македонија, истакна премиерот.

Порача дека Владата на РМ е подготвена да биде партнер на сите. – Бидете, посочи, и вие партнер на Владата. Заеднички ќе бидеме во напорите и заеднички ќе ни бидат резултатите. Како премиер во име на Владата се обврзувам дека ќе ги продолжиме и ќе ги интензивираме инклузивните политики во општеството, како и соработката на регионално и меѓународно ниво. Тие ја отвораат демократската иднина на Македонија кон демократскиот свет, истакна Заев.

Потенцирајќи дека крајот на оваа 2017 и 2018 носат реални шанси за перспективи кон ЕУ и НАТО, порача моментумот е ваш. – Потребна е, рече, одговорност и сериозност да се здружиме и да успееме заедно. Демократијата носи мир, индивидуален спокој и економски напредок.

Заев рече дека ударот врз демократијата го искусивме токму во овој Парламент, кој, како што истакна, од политичката криза излезе посилен, затоа што успеа да ги надмине политичките интереси и препознавајќи дека излезот е во почитувањето на заедничките граѓански интереси.

Оцени дека демократската иднина на Македонија се прави возможна низ реформските процеси што обезбедуваат фер шанса и еднакви шанси за сите, а која ќе овозможи многу економски придобивки за секој граѓанин.

– Човекот е првиот дом на демократијата. Да ги поттикнеме демократските вредности во себе и да ги споделиме меѓу себе. Низ демократијата да ги обезбедиме неопходниот мир и потребната економска стабилност за нас и нашите деца кои ни се потребни во и за нашата заедничка држава РМ, посочи македонскиот премиер.

Првиот претседател на македонското Собрание Стојан Андов во своето обраќање истакна дека народот во Македонија е свесен оти Република Македонија иднината треба да ја гледа во НАТО и во ЕУ.

– Затоа отворено ќе кажам дека едно време многу се загрижив кога Македонија почна да го губи овој правец, да се одвојува и да се оддалечува од концепцијата што е извор од почетокот на незавиноста на Македонија, рече Андов.

Тој им честита на Талат Џафери и Зоран Заев во име на неговите колеги од првиот собраниски состав за курсот кој го зазедоа, начинот како ја гледаат својата работа и им посака да издржат во тоа и да не потклекнуваат под какви било притисоци.

Ѓулистана Марковска во име на пратениците на првиот парламентарен состав на Собранието на РМ во периодот од 1990 до 1994 година, упати проака до сите пратеници од овој состав на Собранието на РМ со цел зајакнување на независноста на Републиката и обезбедување на нејзин просперитет и на сите граѓани.

– Подобрување на добрите добрососедски односи на РМ и соработка заради зајакнување на внатрешната стабилност на државата и на регионот. Обезбедување одговорност при донесување на сите одлуки заради зајакнување на довербата и соработката помеѓу сите граѓани без оглед на нивната етничка политичка припадност како основа за зголемување на угледот и авторитетот на институциите на системот и вкупните демократски процеси во Македонија, додаде таа.

Марковска го повика овој состав на Собранието на РМ без оглед на тековните политички разлики да ги поддржи и да ги охрабрат напорите на Владата на РМ за постигнување на горенаведените цели.

– За остварување на овие цели очекуваме Парламентот на Република Македонија во овој состав секогаш да биде едногласен без поделби и раздор, бидејќи желбите на македонските граѓани отсекогаш биле едни исти. Република Македонија што поскоро да стане успешна и просперитетна држава, полноправна членка на НАТО Алијансата и дел од големото европско семејство, истакна Марковска.

На одбележувањето на Меѓунардниот ден на демократијата во Собранието на Република Македонија присуствуваа актуелни и поранешни пратеници, како и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Би можело да ве интересира

По кандидатурите на Изет Меџити и Фатмир Лимани за градоначалници, Владата нема да назначува нови министри

Фатон Сељами предложен за нов Народен правобранител

ДУИ: Владата молчи за исклучувањето на дијаспората од пресметување на бројот на населението

Владата засега не е расположена за зголемување на минималната плата

Собранието ја прифати интерпелацијата за државниот обвинител Коцевски

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: Владата продолжува со инфраструктурен развој на државата