Во Република Македонија не постои централна база на податоци која се однесува на децата, односно колку од нив се исклучени од образование, колку се на улица, колку немаат извод од матична книга на родени, колку не се вклучени во предучилишно образование. Сето тоа создава проблем и забуна кога ќе кажеме одредени состојби кои државата ниту ги потврдува, ниту ги демантира.
Ова денеска на прес-конференција го истакна извршниот директор и основач на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, Драги Змијанац, кој рече дека само во Куманово има 330 деца кои не се евидентирани во извод од матична книга на родени, а во Шуто Оризари има околу 500 такви деца, и дека тоа се информации од партнерски организации.
– Ако во две општини има 830 деца кои воопшто не се вклучени во извод од матична книга на родените, каква е бројката со останатите општини во другиот дел од државата, праша Змијанац.
На презентацијата на дел од препораките произлезени од Извештајот за остварување на правата на децата во Република Македонија подготвен од Македонската национална коалиција на невладини организации за правата на детето, укажа дека тие вклучуваат воведување сеопфатно сексуално образование во основните и средните училишта, како и посебно информирање за сексуалното и репродуктивно здравје, а особено за ХИВ и СИДА, а локалната самоуправа да формира буџет за сексуално и репродуктивно здравје.
Она што во континуитет посебно загрижува, посочи тој, е што во Република Македонија нема центри за рехабилитација и ресоцијализација на деца кои употребуваат дрога. Треба, посочи тој, да отворат програми за работа со семејства чии деца се уживатели на дрога.
– Потребно да се изврши дополнување и измена на Законот за средно образование и за стручно образование за поголемо учество на средношколците во донесување одлуки, да се комплетираат стручните тимови во училиштата со дефектолози за да максимално се посвети внимание на потребите на децата со посебни образовни потреби. Направивме истражување во 24 општини и според резултатите, во девет од нив, односно во девет градинки воопшто децата не се вклучени во предучилишно образование, рече Змијанац.
Дел од препораките кои произлегле од Извештајот вклучуваат: при изградба на нови и при реконструкција на старите училишта да се применат стандардите за пристапност за да се овозможат услови за пристап и самостојно функционирање на учениците со посебни потреби во училишниот простор, поголемо вклучување на родителите на децата со посебни потреби во програмите за ран детски развој, воспоставување систем за следење на состојбата со децата кои употребуваат дроги, да се овозможи третман на зависност од дроги базиран на медицина за сите деца итн.