Децата се најнезаштитени во домот, училиштето и во другите институции кои се надлежни да овозможат непречено остварување на нивните права, односно од онаму каде што треба да бидат најзаштитени, е заклучокот од работата на СОС телефонот за деца и млади 0800 1 2222 и на Бесплатната правна служба за 2012 година.
Според извештајот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, на СОС телефонот за деца и млади лани регистрирани се 397 контакти, со кои, како што информира на денешната прес-конференција директорот Драги Змијанац, дополнително
– Дополнителната комуникација е со цел да ги информираме дојавувачите какви мерки се преземени од наша страна, кои се одговорите од надлежните институции, како и нивните известувања до нас за сите настанати промени по пријавениот случај, рече Змијанац.
Од регистрираните само 27 деца имале храброст да пријават насилство или прекршување на некое нивно право.
– Врз основа на информациите кои ги имаме добиено за можни прекршување на детските права и кои се структурирани според бројот на деца кои се опфатени во овие случаи, станува збор за 587 деца каде што постојат сомневања за можно прекршување на некое нивно право, посочи директорот на „Меѓаши“, Змијанац.
Во пријавените случаи во Детската амбасада „Меѓаши“ за можни прекршувања на детските права, најмногу застапени се деца од сиромашни семејства кои живеат на работ на егзистенцијата, во субстандардни услови – 111, а за семејно насилство регистрирани се 106 деца кои биле незаштитени и изложени на насилство во своето семејство.
– Педесет и седум деца се соочиле со институционална неефикасност, проблем во утврдување на надлежност и одговорност меѓу државните институции, ненавремено реагирање, непочитување на детското мислење во постапки кои се од значење за децата, дополнителна виктимизација и стигматизација на деца кои веќе биле жртви, кај 33 деца постои сомнеж дека биле незаштитени и изложени на насилство во своето училиште, рече Змијанац.
Според него, кај 18 деца постои сомнеж или биле жртви на сексуална злоупотреба од страна на близок или познаник на детето жртва.