Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити изјави дека заминувањето на две делегации од земјава на Самитот на НАТО во Вашингтон предводени од претседателот на Собранието Африм Гаши и премиерот Христијан Мицкоски е поради тоа што двaјцата имаат свои агенди на настанот.
– На ДУИ се’ им смета, веќе не можат да се прилагодат на нова реалност дека се опозиција. Јас ги повикувам да бидат конструктивна опозиција и да се посветат прво на реформа внатре кај нив ако сакаат во иднина да бидат сериозен чинител во политичкото поднебје во Македонија. А тоа што отишле премиерот и претседателот на Собранието, двајцата се клучни политички фигури, пред се, ја претставуваат Северна Македонија за одбележување на НАТО, сигурно не очекува некој да се фатат за рака и да одат таму. Значи, и двајцата имаат свои агенди, заедно се таму, мислам дека вечерва ќе имаат и заеднички настан и заедничка вечера таму. Според агендата некој тргнал порано, некој покасно бидејќи имале активности и тука, вели Меџити на новинарско прашање за реакциите во државава зошто две различни делегации отпатувале во Вашингтон, и зошто немало претставници во нив од Коалицијата Вреди за што беа прозвани од ДУИ.
Меџити изјавата ја даде по средбата што заедно со министерот за социјална политика Фатмир Лимани, градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, и пратеникот Беким Сали ја имаа со претставници на Здружението на пензионери на Чаир.
Опозициската ДУИ викендов изрази загриженост што земјава по прв пат била претставена од моноетничка делегација на Самитот на НАТО во Вашингтон.
-Моноетничката делегација од моноетничката Влада е дополнителен доказ дека вазалите на ВЛЕН се множат со нула како резултат на немањето изборен и етнички легитимитет, стои во партиското соопштение.
Од коалицијата „Вреди“ пак, одговорија дека претседателот на Собранието, Гаши, како носител на највисоката државна должност во законодавната власт има сопствена агенда во Вашингтон, која се организира од денот на неговиот избор.
-Опозициската ДУИ наместо да работи на сопствено реформирање, се занимава со дистрибуција на лажни вести. Од нив ништо веќе не зависи, а најмалку кој кога ќе отпатува во САД и со кого ќе се сретне. Да имаа навремени информации од стратешкиот партнер, немаше вака да се срамат. Но, тоа говори за нивниот кредибилитет да говорат за и во име на Албанците. Жалиме што ДУИ избра многу погрешни методи да се обидува да креира незадоволство кај Албанците, се наведува во реакцијата на „Вреди“.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со делегација од Владата во чиј состав се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се во официјалната посета на САД, каде што ќе учествува на Самитот на НАТО. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така, учествува на Парламентарниот самит на НАТО, Вашингтон, информира собраниската прес-служба.