Медициските сестри „концесионери“ кои останале без работа бараат да бидат преземени во јавното здравство

Од:

Над 40 медицински сестри „концесионери“ во моментов низ цела Македонија се без работа, бидејќи по основ на пензионирање на докторот, смрт…се затвориле приватните здравствени установи основани врз основа на закуп во здравствените домови во кои работеле и тие не можат да се вратат во јавното здравство каде претходно работеле поради завршување на времениот законски рок за нивно враќање. Некои од нив останале без работа и поради ангажирање други лица.

Ова денеска го истакна претседателот на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри (ЗМСТАС), предводена од Здружението „За нас“, Горданка Бешлиовска по состанокот со медицински сестри „концесионери“ од цела Македонија.

Времената мерка од Законот за здравствена заштита од две години истече во септември 2017 година за медицински сестри, односно во февруари годинава за стоматолошки сестри.

– По завршувањето на времената законска рамка минатата година сите нивни барања по затворањето по кој било основ на ординациите во кои работеле се одбиени со образложение дека се надминати сите рокови и по никаков основ не можат да се вратат во јавното здравство. Паралелно со нив без работа остануваат и помладите доктори во тие ординации, рече Бешлиовска.

Таа посочи дека во 2006 година со формирањето на службите во концесионерството медицинските сестри „концесионери“ биле условени заедно со лекарите од ординациите во здравствените домови да поминат во приватното здравство како концесионери каде со времен закон биле заштитени.

– По затворањето на ординацијата каде работеле и завршувањето на временската законска рамка тие останаа без работа. Прашувам дали во Македонија има друга таква професија на професионалци каде секој ден остануваат луѓето без работа, како што се нашите сестри од концесионерството. Нема ден да не ни се јават од кој било град дека се останати без работа, нагласи Бешлиовска.

Појасни дека сега има нов момент и дека и покрај тоа што Законот предвидува здравствена струка за работа во концесионерството, ако бараат предлиценцирање по каков било основ на ординацијата, се бара сестрата да се преквалификува во општа струка за да може да продолжи да работи со истиот доктор.

– Тие не се конкурентни на конкурсите во јавните здравствени установи заради тоа што се возрасни и се водат како вработени. Во Министерството за здравство како Унија ги изнесовме нивните проблеми и добивме ветувања дека ќе има измени и дополнувања на Законот, тоа се случи, но ние во тоа не бевме вклучени и не ги знаеме измените. Генералниот проблем ни е што немаме закон за сестринство, рече Бешлиовска.

Додаде дека сестрите концесионери немаат ист унифициран договор, на различни начини и според различни правилници ги потпишале договорите со концесионерите, функционираат не само како медицински сестри, туку и како администратори, хигиеничари и не можат да си го остварат правото на годишен одмор, слободни денови и се принудени болни да одат на работа.

Медицинската сестра Јагода Младеновска од Куманово истакна дека од 15 март останала без работа, бидејќи докторот во приватната здравствена установа, каде работела се пензионирал, амбулантата се затворила и таа останала технолошки вишок. Посочи дека има 32 години работен стаж од кои 20 во јавното здравство и 12 во приватното здравство.

– Се приватизиравме во септември 2006 година и моравме да потпишеме договори со докторот во амбулантата дека остануваме со него да работиме. Оттогаш како да не исфрлија од јавното здравство и никој не праша дали ни е добро и не не заштити. Законот траеше до септември, за пет месеци не бев опфатена. Од Министерството одговорија дека кога ќе се ликвидира ординацијата тогаш ќе може да се вратам во јавното здравство. Се ликвидира ординацијата, но законот престана да важи. Конкурирав на неколку места и имав негативен одговор. Имам уште 10 години до пензија, додаде Младеновска.

Медицинската сестра Јорданка Петровска, која била вработена во ПЗУ „Голема Богорородица“ од битолското село Кравари, рече дека докторката со која работела починала во јуни, потоа работела со другата смена со надеж дека ќе има нов доктор со договор од Министерството.

– Имаше замена и дотогаш работевме. Потоа докторот замина на специјализација, а јас останав да работам до 11 септември, потоа користев одмор, а од 12 октомври сум технолошки вишок не по моја вина. До пензионирање имам уште шест години. Што понатаму, праша Петровска и додаде дека има уште многу други слични случаи и бараат решение на проблемот.

Би можело да ве интересира

Меџити: Информацијата за укинување на организациските директори доставена до Владата

Ана Ололовска

Манолева: Преговараме за обезбедување дополнителни средства за набавка на нови количини „трикафта“

Ана Ололовска

Манолева: Има подобрување на националниот опфат кај редовните вакцини за деца, но не е достигнат препорачаниот праг за колективен имунитет

Ана Ололовска

Меџити: Интензивно работиме на долготрајно, ефективно и квалитетно решение за проблемот со „Трикафта“

Ана Ололовска

Лекарска комора побара да му се одземе привремено лиценцата на анестезиологот што снимаше

A1on

Лекарската комора ќе информира за преземените мерки за случајот со докторот од тетовската Болница

Ана Ололовска