Амар Мециновиќ е најмладиот кандидат за градоначалник на Скопје, кој и покрај тоа што неговите ставови на моменти звучат утопистички, верува дека градот мора конечно да се мрдне од статус квото. За него, промената не е прашање на генерација, туку на одговорност. „Ако ништо не смениме, ќе продолжиме да живееме во истите грешки што не доведоа до колапс,“ вели тој, нагласувајќи дека Скопје може да стане пример за функционален, зелен и транспарентен град.
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, во интервју за А1он зборува за визијата за функционален град, ревизија на јавните пари и нови модели на транспарентност во управувањето. Неговите ставови се критички насочени кон сите досегашни градски власти кои беа, без разлика на политичката боја, за кои вели дека ја изневериле идејата за јавен интерес, и секогаш ги ставале бизнис интересите на прво место. Според него, Скопје треба да стане пример за ефикасна администрација и зелен развој, а не „бетонска џунгла“ управувана од партиски централи.
„Скопје денес изгледа како град без концепт и одговорност. Мојата визија е да изградиме функционален систем што ќе работи за граѓаните, со јавни претпријатија кои навистина исполнуваат јавна улога, а не партиска квота. Не ветувам чуда, ветувам работа и отчетност.“
Тој е оптимист дека може да делува, иако Левица не е дел од централната власт.
„Иако сме опозиција на централно ниво, имаме луѓе со стручност и интегритет кои можат да направат пресврт. Ако институциите не работат, ние ќе ги натераме да работат, со јавност и притисок и механизми на отчетност. Нашиот капитал е довербата на граѓаните, не договорите под маса.
Ветува дека ќе направат ревизија на деструктивните договори на Град Скопје кои се провлекуваат уште од времето на претходните градоначалници.
Според него граѓаните се навикнати да живеат во субоптимални услови и уверени се дека не може поинаку. Исто така вели дека Министерството за животна средина е најодговорно за енормното загадување, бидејќи инспекцискиот надзор не е насочен кон индустриските загадувачи, кои се главниот виновник за отровниот воздух.
„Не смееме да зависиме од приватни оператори и неефикасни тендери. Ќе поддржам јавно претпријатие со сопствен возен парк и можност за бесплатен јавен превоз за одредени категории. Треба да ја обновиме веќе постоечката железничка рута, и за ова имаме детален план и финансиска конструкција.
Според него БРТ системот не е решение а двете најголеми партии го форсираат бидејќи „нивните“ луѓе ќе бидат ангажирани за реализација, со што Скопје нема да го реши проблемот со јавниот превоз на долги патеки.
„Секој договор, секоја плата и набавка ќе бидат објавени јавно. Ќе побарам ревизија на сите стари договори и ќе воведам онлајн платформа кадешто граѓаните ќе можат да ги следат трошоците на градот. Тоа е вистинска демократија. “