Матичните нема да плаќаат по 1.000 евра за акредитација на ординациите, постигнат е договор за намалување на цената

Од:

За акредитација на ординациите лекарите од општа и семејна медицина, педијатрија и гинекологија нема да плаќаат по 1.000 евра како што првично им беше јавено, сума на која тие не се согласни. Од Министерството за здравство за „А1он“ велат дека цената е намалена, но не ја кажаа новата сума.

„За оваа цел, беше одржан состанок во Министерството за здравство со директорката на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи и заменик-министерот за здравство, д-р Владимир Рендевски, на кој учествуваше и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Иринка Сотирова-Бухова. Постигнат е договор за намалување на цената за акредитација на приватните здравствени установи. Ова решение беше резултат на согледувањето на актуелната економска криза во екот на ковид-пандемијата, како и сè поголемите сметки за електрична енергија што во последните месеци ги плаќаат здравствените установи“ , објаснија од Министерството за здравство.

На состанокот била констатирана важноста на процесот за имплементирање на акредитацијата на установите во здравството, со крајна цел подигнување на нивото на здравствените стандарди и пружање поквалитетни здравствени услуги.

Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи оваа недела почна да ги известува ординациите по општа/семејна медицина, педијатрија и гинекологија дека почнуваат со акредитација на ординациите од примарна заштита. Лекарите кои прашале колку ќе чини акредитирањето, добиле одговор дека целиот процес ќе ги чини 1.000 евра, кои ќе може да ги платат на рати. Од Агенцијата за „А1он“ објаснија дека известувањето за новата давачка за лекарите доаѓа само неколку дена по предупредувачкиот прекин на работата од минатата недела, оти токму сега се создале услови да почне процесот, за кој велат дека е долготраен.

Матичните лекари веќе се изјаснија дека не прифаќаат уште една давачка, а акредитацијата ја нарекоа нов арач од државата. – Лилија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари

„Обврската за акредитација на здравстени установи не е нова, туку е утврдена во Законот за здравствена заштита донесен во мај 2012 година. Бидејќи во пракса процесот може да се применува откако ќе се изработат, развијат и утврдат стандарди за акредитација за одредено ниво на здравствена заштита, до сега овој процес не се применуваше во ординациите од примарна здравствена заштита. Во текот на 2021 година се креираа и дефинираа стандарди за акредитација на ординации од примарна здравствена заштита и при нивната изработка беа вклучени претставници на сите чинители од здравствениот сектор ( ФЗОМ, МЗ, ЗПЛРМ,ЗПГАM).Изработката на стандардите е базирана врз основа на меѓународно прифатена методологија за развој и изработка на стандарди за акредитација утврдена во принципите на ISQua. Стандардите беа усвоени од страна на Владата на РСМ на 130. седница, одржана на 28 декември 2021 година и објавени во ‘Службен весник’ бр.20 од 28 јануари 2022 година, со што се исполнија условите за отпочнување на процесот во ординациите од ПЗЗ, односно за пристапување на истите кон процесот на акредитација што во оваа фаза за нив нема никакви финансиски импликации“, изјави директорката на Агенцијата Мерал Исмаили за „А1он“.

Таа вели дека ординациите не се ограничени со рок во кој треба да се акредитираат оти процесот е долготраен и предвидува апликација на ординацијата, подготовка на установата за имплементирање на стандардите, самооценување и надворешно оценување по што следи доделување на сертификатот. Истовремено Агенцијата нема мандат за изрекување казни за оние кои нема да се акредитираат. Нема ниту посебни казнени одредби туку важат прекршочните одредби предвидени во Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на непостапување на здравствените установи по однос на нивните обврски во врска со унапредување на квалитетот на работата.

Директорката Исмаили смета дека акредитирањето е најсеопфатниот и најраспостранет метод за унапредување на квалитетот на здравствена заштита во светски рамки. Целта на акредитацијата е унапредување на квалитетот и безбедноста на пациентите, давање делотворни и исплатливи здравствени услуги, создавање еднакви или приближни услови за давање задравствени услуги во целиот систем на здравствена заштита, зголемување на довербата во системот и унапредување на менаџментот во здравството.

Матичните лекари, пак, веќе се изјаснија дека не прифаќаат уште една давачка, а акредитацијата ја нарекоа нов арач од државата на кој не се спремним, посебно сега кога едвај преживуваат. За 4 март најавија ново затворање на ординациите, овој пат на подолг рок, доколку дотогаш не се организира јавна расправа и не се одговори на нивните барања за покачување на капитациониот бод барем на 75 денари од од ветените 90 денари и менување на правилниците за работа.

Би можело да ве интересира

Продолжува штрајкот на специјализантите: „Нема желба од Владата да се решат нашите проблеми“

Орце Костов

(ВИДЕО) „Срамота е, на онкологија нема доктори, а овие млади чекаат работа“: Поддршка од граѓани за специјализантите

Орце Костов

(ВИДЕО) Немаме партиски, имаме крводарителски книшки: Специјализантите штрајкуваат и чекаат одлука на Влада

Орце Костов

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики