Матичните ги отворија ординациите, но не даваат рецепти, не закажуваат тестирања, лекарите кои не протестираат ќе бидат објавени со име и презиме

Од:

Матичните лекари утрово го почнаа протестот. Ги отворија ординациите, но во знак на револт од негрижата за нивните проблеми на пациентите не им даваат услуги што се нудат преку системот „Мој термин“. За упати и пропишување терапии, закажување тестирања  оние пациенти кои не сакаат да почекаат до понеделник ги упатуваат во ургентните центри.

„Засега нема итни случаи, а за сите останати не работиме денес. Помош секако може да побараат во ургентните центри. Ние се пријавивме преку електронскиот систем дека сме на работа, но нема да пружаме услуги кои се користат преку овој систем. Нема издавање рецепти, нема упати, нема заведување прегледи, нема закажување тестирања, едноставно денес нема да направиме никаков електронски запис“, вели матичен лекар од Скопје.

Најголем дел од матичните лекари се придржуваат до протестот, но електронскиот систем покажува дека има и такви кои работат, издаваат лекови и го прекршиле договорот денес да не работат. Лекарите посочуваат дека амбуланти од Сарај се меѓу оние кои не го почитуваат договорот за протест.

Матичниот лекар Ненад Лазаров со објава на „Фејбук“ најави дека ќе ги издвојат колегите кои денес ќе се обидат да си го зголемат бројот на пациенти со преземање нови, од колегите. Преземањето пациенти не оди преку системот „Мој термин“ туку преку Фондот за здравствено осигурување па лекарите стравуваат дека многумина ќе се обидат на овој начин да профитираат од протестот.

„Со име и презиме ќе ги објавиме тие колеги што ќе преземат пациенти денес додека трае протестот. Почитувани пациенти, одложете секаква неитна потреба од вашиот лекар, протестот е во тек, и на жалост е неопходен. Доста е!“, стои во објавата на Лазаров.

Од Министерството за здравство најавија средба со матичните лекари на која ќе се бара решение за нивните проблеми. Средбата е закажана за денес попладне.

„Заменик – министерот за здравство Владимир Рендевски ќе има средба со претставници на матичните лекари. За она што ќе биде договорено ќе известиме дополнително, преку соопштение“, велат од Кабинетот на министерот за здравство Беким Сали за „А1он“.

Матичните лекари сметат дека е срамно што капитациониот бод е 65 денари, а ветени им биле 95 денари по пациент. Револтирани се со игнорантскиот однос кон нив, посебно за време на пандемијата, период во кој велат дека не добиле никаква поддршка, а ординациите им биле преполни.

На протестот на матичните лекари се придружи и Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина. Поради, како што велат, катастрофалната и неиздржлива состојба во стоматологијата и потребата за решавање на проблемите и тие денес се во амбулантите но не примаат пациенти, освен оние за итна интервенција.

Би можело да ве интересира

Продолжува штрајкот на специјализантите: „Нема желба од Владата да се решат нашите проблеми“

Орце Костов

(ВИДЕО) „Срамота е, на онкологија нема доктори, а овие млади чекаат работа“: Поддршка од граѓани за специјализантите

Орце Костов

(ВИДЕО) Немаме партиски, имаме крводарителски книшки: Специјализантите штрајкуваат и чекаат одлука на Влада

Орце Костов

Штрајк на приватните специјализанти: Работиме 24 часа за 26.000 денари, а немаме ниту здравствено

Орце Костов

Матичните лекари згрозени од убиството: Треба ли да се плашиме дека некој после работа може да не убие

Горан Наумовски

Џафери: Закажани се избори, не може да се потпишат колективни договори, протестите на универзитетите се за дневни политики