Политичката криза од почетокот на годинава што се заканува да предизвика и пошироки негативни општествени импликации, особено од аспект на евроатлантските интеграции, предизвикува оправдана вознемиреност во однос на очекувањата за остварливост на програмираните задачи, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски во експозето на тема „МАНУ во 2012 и 2013“ во рамки на 46. Годишно собрание на оваа институција.
Поради тоа, посочи тој, претседателството на МАНУ на седница од 8 февруари апелираше за побрзо надминување на политичката криза со итно почнување дијалог меѓу одговорните политички субјекти, заснован врз уважување на интересите на државата и начелата на владеење на правото.
Во врска со програма за работа на МАНУ во 2013 година, рече дека новата едногодишна активност ја програмираат во услови на постоење на минимални, но сепак охрабрувачки знаци за подобрување на положбата на науката и културата и, во тие рамки, на претпоставките за остварување на основните дејности на Академијата.
– Таква перспектива отвораат: Националната стратегијата за развој на културата за периодот 2012-2017 година, усвоена во Собранието и Националната програма за развој на научноистражувачката дејност 2013-2017 година која се наоѓа во владина процедура. Усвојувањето на овие документи, кореспондира со барањето на Европската комисија, содржано во извештајот за напредокот на Македонија. Меѓу приоритетите годинава влегува и меѓународната научна и културна соработка, истакна Камбовски.
Потенцира дека по воспоставувањето интензивна соработка со научни институции од Турција и со Албанската академија на науките, посебно внимание ќе биде посветено на подигање на повисоко рамниште на соработката со БАН, како и со Српската и Косовската академија на науките и уметностите, како и со Атинската академија на науките.
Програмирано е издавање на повеќе зборници од научни и свечени собири. Обемната издавачка дејност опфаќа и подготовка на каталози за изложби, и едицијата предавања, кои ќе бидат одржани во МАНУ во текот на годината. МАНУ ќе вложи напори за проширување на своите активности на полето на меѓународната научна и културна соработка, поаѓајќи од нејзиното значење за меѓународната афирмација на Академијата, на македонската наука и култура и на Република Македонија.
– Континуиран ангажман на МАНУ бил и останува научната опсервација на односите со нашите соседи, низ мултидисциплинарни проекти кои ги расветлуваат културолошките, историските, политичките, економските и другите страни на тие односи, рече Камбовски.
Осврнувајќи се на 2012 година, укажа тој, располагањето со скромните 12 милиони денари за научноистражувачка дејност беа и остануваат значително под рамништето на барањата поставени со амбициозната годишна програма.
– Намалувањето на средствата резултираше со намалување на бројот на научно-истражувачките и уметничките проекти на МАНУ финансирани од нејзиниот Фонд за научни и уметнички дејности: од 56 проекти во 2008; 59 проекти во 2009 година; 44 проекти во 2010 година; 42 проекта во 2011 година и 41 проект во 2012 година. Висината на средствата за финансирање на поединечните проекти во 2012 година беше речиси двојно помала во споредба со претходните години и ни оддалеку не беше доволна за покривање на потребните материјални трошоци за нивна реализација, рече Камбовски.
Посочи дека од обезбедените 6 милиони денари за издавачка дејност во 2008 година, во 2012 година средствата се намалени на три милиони денари, што резултираше со намалување на реализираната издавачка програма.
– Намалени се и средствата за организирање научни собири, уметнички манифестации и меѓународна соработка. Не е надминат проблемот на обезбедување плати, како и воопшто статусот на научните соработници во истражувачките центри на МАНУ, создаден со системските недоследности во одредувањето на положбата и платите на научноистражувачките кадри во Македонија, истакна Камбовски.
И во такви рестриктивни услови, нагласи тој, МАНУ успеа да одржи оптимално ниво на остварување на своите задачи, со извонредно залагање и ентузијазам на нејзините членови и вработените во Академијата.
– Во 2012 година е зголемена активноста на МАНУ во организирањето научни собири, дебати, уметнички приредби и други манифестации, а се објавени 10 периодични и 17 посебни изданија, и каталози од изложби. Вкупниот обем на објавените изданија изнесува 513,15 печатени табаци или 6.848 печатени страници. Академиците во работниот состав на МАНУ во 2012 година имаат објавено или презентирано 51 монографска публикација, од кои 43 издадени во земјата и 8 во странство; 119 научни трудови, итн, додаде Камбовски.
Годинава ќе се одржат меѓународниот научен собир: Сто години од Балканските војни и од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор, македонско-руската научна конференција: Букурешкиот мировен договор (1913 година) и долгорочните последици за Македонија и за Југоисточна Европа, стратешки форум, средба на претседателите на академиите од балканските земји со цел интензивирање на сора¬ботката во областа на науката, културата и уметноста, ќе се одбележи 1150-годишнината од Моравската мисија на браќата Св. Кирил и Методиј, 110-годишнината од Илинденското востание итн.
Потпретседателот на Академијата, Љупчо Коцарев во излагањето за годишните сметки на МАНУ за 2012 година и за финансиските планови за 2013 година рече дека од Буџетот на РМ за 2013 година за МАНУ се предвидуваат 79,9 милиони денари што е зголемување за 3,2 милиони во однос на 2012 година.
– Според финансискиот план, распределените буџетски средства ќе овозможат непречено остварување на основните функции на Академијата и на нејзината Програма за работа. Од добиените средства, за функција на Академијата отпаѓаат 14,3 отсто, за материјални трошоци и комуналии 26,5 отсто, за плати и академски награди 58 отсто и за инвестициско одржување еден отсто, рече Коцарев.