МАНУ одбележа 50 години постоење

Од:

Македонската акедемија на науките и уметностите – МАНУ вечерва со свечена академија го одбележа големиот јубилеј – 50 години од основањето.

На собирот во Македонската опера и балет, присуствуваа претседалот на РМ Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, пратеници, министри во Владата, претседатели на академии на земјите од регионот, амбасадори,…

Претседателот Иванов, кој е покровител на свечената академија, во обраќањето истакна дека како врвна самостојна научна и уметничка установа, МАНУ даде голем придонес во изградбата на современата македонска држава, континуирано ја поттикнува и ја развива научната мисла и работи на негувањето и на унапредувањето на уметностите.

– Многу често, академиите се плод на независноста. Но, во нашиот случај, Академијата не само што ѝ претходеше, туку и создаде услови за независноста на Република Македонија. Академијата поттикнува и врши проучувања на прашања од битно значење за македонската национална култура и за општиот развој на нашата држава, истакна Иванов.

Во нашето општество во кое политичарите честопати размислуваат само до следните избори, на академиците е да промислуваат за наредните генерации. Затоа, нагласи претседателот Иванов, неопходно е функционално партнерство меѓу државата и науката, меѓу носителите на одлуки и експертите, со цел носење мудри одлуки и креирање политики втемелени врз научна основа.

– Одговорност на МАНУ е да настојува преку научната мисла да придонесува за унапредување на севкупниот развој на Република Македонија и за процут на целото македонско општество. Но, истовремено, одговорност на државата е да ја консултира МАНУ за суштинските прашања поврзани со социоекономскиот, политичкиот и културниот развој, нагласи македонскиот претседател.

Македонската држава и македонските граѓани, посочи Иванов, се исправени пред големи предизвици за кои мора да се бараат решенија. Но, тие решенија не смеат да отстапуваат од принципите на нашето постоење и опстојување, истакна македонскиот претседател, оценувајќи дека во овој период на предизвици, очите на македонското општество се свртени кон МАНУ и дека очекувањата, Академијата да биде глас на разумот и на мудроста, се поголеми отколку кога било порано.

– Длабоко верувам дека во годините и децениите што се пред нас, МАНУ ќе покаже единство во однос на суштинските прашања за државата, блискост и отвореност кон граѓаните, и мудри решенија и одлуки за важните прашања од кои зависи иднината на нашите потомци, рече претседателот Ѓорге Иванов.

Претседателот на МАНУ Таки Фити потсетувајќи се на почетоците на Академијата рече дека непосредно по основањето уследил период на брз развој и збогатување на нејзината научно-истражувачка дејност и уметничкото творештво.

– Во почетокот во структурата на научно истражувачката и уметничката дејност на Академијата доминираа хуманитарните и општествените науки, за јазикот, литературата, историјата и други. Што е разбирливо и заради фактот што тие прашања се составен и значаен дел на мисијата на сите национални академии, истакна Фити.

Нагласи дека развојната траекторија на МАНУ потврдува дека уште од првите декади по формирањето, Академијата навлегла во фазата на нејзината зрелост и израсна во темелник на македонската наука, јазик, култура и историја и, како што рече, во еден од стожерите и симболите во државноста на Македонија. Фити потсети дека МАНУ придонесе за конституирањето на Македонија во независна држава.

Претседателот на МАНУ напомена и за деновите кога во 2001 година политичарите ја злоупотребиле Академијата и и нанеле сенки кои влијаеле на одредено помрачување врз нејзината научна мисија.

– Тука пред се мислам на политичката манипулација на раководството на Академијата за време на конфликтот од 2001 година и пласирањето на небулозниот концепт за размена на територии, истакна Фити.

Во име на МАНУ тој упати две пораки. Првата дека Македонија била и е мултикултурна земја, а втората дека е потребна изградба на нов и обединет Балкан. Во тој контекст Фити го поздрави договорот за пријателство и соработка на Владата на Македонија со Бугарија.

Во рамки на одбележувањето, покрај музичката програма, на свечената академија беше прикажан и филмот „50 години МАНУ“.

Македонската академија на науките и уметностите е основана на 23 февруари 1967 година, а нејзин прв беше Блаже Конески.

Досега МАНУ имала 154 членови, од кои сега 41 се со статус на редовни членови, а 33 се со статус на членови надвор од работниот состав. МАНУ има издадено околу 1.690 научни трудови од сите сфери на науката и уметностите.

Би можело да ве интересира

МАНУ: Во Македонија постои само една национална академија

ВРЕДИ почна да го реализира планот за албанска Академија, ќе ја финансираат општините со нивни градоначалници

Катерина Ѓуровски

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Влен: Академијата за науки и уметности на Албанците не треба да се гледа како контраст или паралелизам на МАНУ

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристат за други етнички заедници

Претседателство на МАНУ: Академијата е отворена за сите што ги исполнуваат критериумите, да не се вовлекува во дневнополитички расправи