На вториот Конгрес на партијата Движење ЗНАМ за наша Македонија Максим Димитриевски денеска едногласно повторно ја доби довербата и е избран за претседател. Тој се заблагодари за изборот и нагласи дека има намера да создава нови лидери бидејќи движењето ЗНАМ работи и ќе работи, вели, со и за граѓаните, како нова политичка сила која во изминатиот период од 14 месеци се потврди и докажа.
– Преземаме голема одговорност. Ова не е игра или обид. Ова е да создадеме нешто ново бидејќи Македонија тоа го заслужува и ние тоа го правиме. Тоа ни го потврдуваат тие што не обвинуваат, критикуваат бидејќи нормите во Македонија се променија во корен, нагласи Димитриевски во обраќањето по неговиот избор за претседател на ЗНАМ.
Пред присутните претседателот на ЗНАМ вети дека никој, како што рече, нема да побегне од одговорност без разлика кој колку и да се обидува да се приближи до владејачката политичка елита. Меѓу другото, посочи дека „сите волци сега облечени во јагнешки кожи“ плаќаат портали, медиуми и многу други инфлуенсери да шират говор на омраза, лаги, невистини и јавни обвинувања против луѓе, од кои, подвлече, се плашат бидејќи вистината секогаш излегува на виделина.
Како претседател на партијата, истакна Димитриевски, има намера да го „смести“ ЗНАМ како респектиран политички субјект на македонската политичка сцена. Повтори дека идеологијата на партијата влече корени од Крушево и АСНОМ и тоа е „нашиот завет“.
– Сега сме ние на потег, народот е тој што гледа и ќе суди. Доколку работиме добро, ќе добиеме поддршка, ако смета дека грешиме секогаш ќе не предупреди и тоа на избори. ЗНАМ не е ниту ВМРО – ДПМНЕ, а уште помалку СДСМ и тоа што остана од него. Не е ниту една друга политича партија на македонската политичка сцена, туку е гласноговорник на народот, истакна Димитриевски и додаде дека ЗНАМ е коректор на власта, но оваа власт, рече заслужува шанса затоа што граѓаните тоа го одлучија на избори.
Претседателот на ЗНАМ посочи дека во партијата има членови од сите етнички заедници, меѓу кои и наши сограѓани кои се изјасниле како Бугари.
– Јас го почитувам и, верувам сите вие бугарскиот народ, но не го почитувам тоа што доаѓа од официјална Софија, а најмалку тоа што е ставено во Резолуцијата на бугарскиот Парламент и потврдено пред неполн месец со втората резолуцаија. Не ги почтивам ставовите што ги изнесува претседателот Радев во јавноста, кој по природа на нештата треба да ни биде близок како што ни е претседателот на Србија. Сакаме да бидеме блиски со сите соседи. Оставете не да си ја тераме нашата македонска работа, на македонски начин, со нашите сограѓани од другите етнички заедници кои со векови живеат на овие простори, порача Димитриевски.
Додаде дека ЗНАМ е за членство во ЕУ, но не по секоја цена.
– Ние имаме природно законско право да бидеме таму, но притоа никогаш нема да дозволиме да се погазиме самите себе си. Нема да дозволиме да ја бришеме сопствената историја, да газеме по коските на сопствените предци бидејќи нивниот завет е впишан во нашата основна идеја во Крушевскиот манифест, во АСНОМСКАТА декларација, рече во обраќањето на Конгресот претседателот на ЗНАМ.
Димитриевски ги повика сопартијците сето ова што го говорат и е пишано заедно да го претворат во дела и ЗНАМ да го трансформираат во голем политички субјект и во Македонија енергијата на партијата да се транформира во конкретна работа во интерес за граѓаните.
Македонија со принципи и систем, не Македонија држава на лажни обвинувања, дневни политики, не за иднина базирана на лажни вести и други квазимедиуми. Македонија праведна, чесна, достоинствена, Македонија која ќе се води од принципите и постулатите на ЗНАМ за отчетност, транспарентност, одговорност, а од овој Конгрес понатаму, вели и посветеност.
Реизбраниот претседател на партијата Димитриевски со порака до сите од партијата дека функцијата поминува и да не заборават никогаш да работат по закон, посветено и чесно, за, како што подвлече, да ја искоренеме корупцијата до крај.