Францускиот претседател Емануел Макрон преку писмо до претседателот Стево Пендаровски, ни го честита Денот на независноста.
„По повод националниот празник на Република Северна Македонија, во име на Франција и во мое лично име, Ви ги упатувам моите најискрени честитки.
Сакам и да Ви го пренесам моето воодушевување за патот кој го поминавте по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор пред дваесет години. Вашиот успех и успехот на вашата земја за помирувањето, за кое сведочи и Преспанскиот договор, служи како пример во регионот и пошироко. Франција и Европската Унија остануваат на ваша страна за стабилноста и за просперитетот на Северна Македонија и на Западниот Балкан. Ние ги поддржуваме сите иницијативи кои се во таа насока, особено Преспа Форумот за дијалог.
За време на посетата на вашиот Претседател на Владата, г. Зоран Заев на 10 јуни годинава, ја повторив мојата желба да продолжиме да ги зајакнуваме нашите билатерални односи. Северна Македонија е сојузник и суштински партнер на Франција во Западниот Балкан. Француската стратегија за Балканот предвидува засилена поддршка од Франција за економскиот и социјалниот развој на регионот, особено преку Француската агенција за развој, која по потпишувањето на меѓувладиниот договор помеѓу двете земји на 21 февруари 2021 година, набрзо ќе започне со своите активности во Северна Македонија во областа на одржливиот развој.
Повторно ја искажувам мојата солидарност и солидарноста на францускиот народ кон населението од Северна Македонија во справувањето со предизвиците со кои се соочува вашата земја. Ангажирањето на експертските пожарникари за справувањето со шумските пожари се нејзин доказ. Но и во екот на пандемијата предизвикана од Ковид-19 со која се соочуваат нашите земји, посветеноста на Европската Унија е целосна за да може регионот да се справи со таа криза.
Бидете убеден дека ја имате мојата целосна поддршка за европската перспектива на Северна Македонија. Франција е решена дека преговорите за членство треба да почнат следните месеци и ќе продолжи да спроведува напори за да се изнајде решение за билатералните спорови. Франција ќе биде внимателна за да преговарачката рамка, која ќе биде усвоена, ја одразува новата методологија за процесот за членство, која јас ја посакував, и ќе продолжи да ги унапредува и да ги поддржува суштинските реформи за европското приближување на Северна Македонија, особено во клучните области како што е владеењето на правото, кои се во сржта на европските вредности“, пишува Макрон во писмото.