Раководство на СДСМ посети над 300 населени места и оствари контакт со над 150.000 граѓани, велат од партијата.
„Како продолжение на „Работното лето“, го промовиравме проектот „Отвори врата за иднината“, со кој СДСМ во континуитет продолжува со активности блиску до народот. Овој проект ни овозможува да ги слушнеме маките на луѓето, нивните проблеми и потреби, и да ги понудиме нашите решенија“, рече Јани Макрадули.
Проектот, оцени, тече според планираното и влегува во напредна фаза, а досега се завршени над половина од средбите на кои граѓаните даваат забелешки и идеи како за локалните прашања, за маалото во кое живеаат, така и за општите проблеми со кои се соочува државата. Од овие предлози и решенија, велат, директно ќе произлезе изборната програма на СДСМ за претстојните локални избори.
„Директниот пристап до граѓаните, тропнувањето на нивната врата наиде на одличен прием. Добиваме навистина одлични предлози, мерки и решенија за надминување на секојдневните проблеми од областа на инфраструктурата, образованието, комуналната сфера и други прашања поврзани со локалните теми. Граѓаните бараат средување на паркингот во Центар, воведување на парно во Ѓорче Петров, чист воздух во Гази Баба, три нови моста над градската река во Прилеп, модерни детски катчиња во Битола, средени улици во Велес, водоснабдувањето во Неготино, здрава вода за пиење во Делчево, и многу други“, изјави Макрадули.
СДСМ ги издвојува следните прблеми на кои се пожалиле граѓаните:
• Над половина, или 52.7 проценти од нивните поплаки се однесуваат на социјално-економската состојба – граѓаните имаат најмногу забелешки на тешката економска ситуација, растечките цени, опаѓачкиот животен стандард и невработеноста. Ова покажува дека граѓаните ги поставуваат социјалните теми како приоритет, при тоа доставуваат предлози и сугестии и за оваа сфера.
• Стравот и недостатокот од слобода е уште една од категориите проблеми на кои се жалат граѓаните. Тие чувствуваат дека немаат пристап до институциите и не можат слободно да зборуваат за своите проблеми.
• На крајот, граѓаните се загрижени и за насоката во која се движи државата, односно категорични се дека Македонија се движи во погрешна насока, чувствуваат дека немаат перспектива и дека нивниот живот нема да се подобри во блиска иднина.
За сите овие проблеми, граѓаните нудат свои видувања, предлози, мерки и решенија. Од ова, почнуват да се наѕираат контурите на изборната програма на СДСМ, во која приоритетите директно ги одредуваат граѓаните, ветува опозициската партија.
Проектот „Отвори врата за иднината“ треба да заврши до средината на ноември.