Соработката со соседните земји, мирот и стабилноста во регионот и интеграцијата во ЕУ и НАТО, се заеднички приоритети на Македонија и на Косово, истакнаа по денешната средба во Приштина македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски и косовскиот заменик-премиер и шеф на дипломатијата Хашим Тачи.
– Косово и Македонија споделуваат заеднички вредности и интереси и ќе бидат партнери во напорите за интеграција во ЕУ и НАТО. Работиме и на заеднички инфраструктурни проекти, како и во областа на енергетиката, изјави Тачи.
Нагласи дека Македонија е важен партнер за Косово, како на економски така и на политички план, додавајќи оти изградбата на автопатот Приштина – Скопје ќе придонесе за уште посилно поврзување меѓу двете земји.
– Интерес на Косово и на целиот регион е Македонија што поскоро да стане дел од НАТО, а целиот регион да продолжи да се движи кон интеграција во ЕУ, рече Тачи.
Повтори дека Приштина го поддржува целосното спроведување на Охридскиот рамковен договор. Најави дека Приштина и Скопје ќе ја продлабочат соработката и во борбата против екстремизмот и радикализмот, како и во справувањето со актуелната мигрантска криза.
Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски ги оцени билатералните односи како срдечни и добри. Очекува договорите што ги имаат склучено Скопје и Приштина да бидат преточени во конкретни проекти во областа на економијата, образованието, науката, безбедноста, инфраструктурата, културата…
Попоски посочи дека во интерес на Македонија е да го има Косово како стабилен и просперитетен сосед.
Попоски и Тачи денеска во Приштина потпишаа договор за прекугранично движење на граѓаните на двете земји со биометриски лични карти, како и за отворање на граничниот премин Белановце – Станчиќ.
Двајцата министри оценија дека овие договори ќе бидат од корист на граѓаните и на бизнисите од двете земји, а ќе овозможат и зголемена размена на искуства меѓу младите, како и интензивирање на економската соработка.