Македонија во записите на ЦИА

Од:

Записите на Централната разузнавачка агенција ЦИА од времето на балканските војни, објавени деновиве, покажуваат дека Грција вршела притисок врз САД против признавањето на Македонија или поголем ангажман во нашата земја, но и дека американските власти ги отфрлиле овие притисоци, водени од желбата да го стабилизираат Балканот.

Се навестува дури и можност за грчка интервенција во Македонија доколку војната на Косово предизвика бегалски бран кој би се упатил кон Грција. Оваа можност ЦИА ја разгледувала уште во 1995 година.

Документите се објавени паралелно со најавата дека поранешниот американски претседател Бил Клинтон на почетокот на октомври ќе организира симпозиум во неговата претседателска библиотека во Литл Рок во Арканзас, на кој ќе бидат претставени стотици документи од архивите на ЦИА.

На симпозиумот, покрај Клинтон ќе зборуваат и поранешниот државен секретар Медлин Олбрајт, Леон Ферт, поранешен советник за национална безбедност на потпретседателот Ал Гор, и други клучни американски функционери ангажирани во балканските војни.

Македонија има споредна улога во овие документи, но сепак документите содржат интересни сознанија. Само три белешки, од 1994 и 1995 година, од целиот материјал кој и е достапен на јавноста на интернет страницата на ЦИА, се посветени првенствено на Македонија, но и тие се осврнуваат на поширокиот балкански контекст.

Така, меморандум подготвен од страна на Роџер Џорџ, офицер на ЦИА за Европа, за потребите на Џозеф Нај, помошник секретар за одбрана на САД, во март 1995 година, се осврнува на учеството на американските сили во мисијата УНПРОФОР, за обезбедување на македонската граница од српски напад и прелевање на безредијата во Косово. Во документот се навестува дека Грција планирала воено да интервенира во Македонија, во случај косовската војна да предизвика прелевање на бегалци преку Македонија кон Грција.

Во меморандумот се оценува дека вистинската закана е востание на Косово, кое ЦИА го споредува дури со палестинската Интифада, по кое Македонија би била преплавена со бегалци преку границата за која ЦИА оценува дека македонските власти не можат да ја затворат во целост.

– Владата на Глигоров не сака да размислува за план за овој случај, бидејќи смета дека тоа би го нарушило мирот меѓу македонското мнозинство и албанското малцинство. Во отсуство на нивни планови, мисијата на УНПРОФОР може да се случи набрзина да се претвори во операција за прием на бегалци во прифатни центри, и потоа да се погрижи тие да се вратат. Присуството на УНПРОФОР, особено со голема американска компонента, би гарантирала дека Атина нема да чувствува обврска да интервенира за да спречи бегалците да преминат во Грција (што сигурно би довело до Егејски конфликт), пишува Џорџ.

Според офицерот на ЦИА, македонските власти се сметале изолирани од конфликтите на Балканот и, со исклучок на инцидентите околу Тетовскиот универзитет на албански јазик, не очекувале прелевање на безредијата од поранешна Југославија.

– Македонците не ја посакуваат мисијата УНПРОФОР како заштита од српска агресија, која повеќето Македонци ја сметаат за малку веројатна, туку повеќе како симбол дека Западот ќе ја штити независноста на Македонија од сите соседи, вклучително и Грците. Во недостиг на полно признавање на Македонија, американското присуство во УНПРОФОР е пред се скапоцен политички симбол, отколку што претставува воен потенцијал. Многу претставници на Македонија со задоволство одбрале САД да ја признаат Македонија, отколку да добијат поголем американски воен ангажман, пишува во документот подготвен во време кога САД се уште немаат воспоставено полни дипломатски односи со Македонија, пред се поради притисокот на грчкото лоби врз Белата куќа.

Во документот, Џорџ препорачува дека како политички и економски придонес, САД би можеле да ја помогнат мачната приватизација и изградбата на клучни инфраструктурни проекти, пред се коридорот 8 меѓу Албанија и Бугарија, за да го гарантираат долгорочниот опстанок на Македонија, во кој, ЦИА наведува, соседите се сомневаат. Затоа, ЦИА препорачува место со воено присуство, САД да ја закрепат Македонија со инвестиции и со признавање.

– Намалување на зависноста на Скопје од линијата Север – Југ е клучна за долгорочниот опстанок на Македонија. Во споредба со трошоците од можеби големо воено присуство, една скромна економска инвестиција, од неколку стотици милиони долари, и целосно дипломатско признавање на Македонија би биле поисплатливи, иако нема да бидат политички лесни за изведување, оценува Роџер Џорџ.

Документите на ЦИА, во кои повеќето имиња и почувствителни делови се избришани, содржат и белешка од состанок во март 1994 година предводен од советникот за национална безбедност Сенди Бергер, на кој биле секретарот за одбрана Вилијам Пери, генералот Шаликашвили, советникот за национална безбедност Леон Ферт, дипломатот Строуб Талбот, Рик Индерфурт и шефот на ЦИА за Балканот Норман Шиндлер. На средбата се разгледува како односот на САД кон Македонија ќе влијае врз американските односи кон Грција и Турција.

Текстот на документот отсликува дека Грција врши силен притисок против признавањето на Македонија, како и против американската воена и политичка соработка со Турција, но дека потребата да се стави крај на војните на Балканот е позначајна од грчките противења.

– Беше постигнат консензус дека сите прашања треба да се разгледаат одеднаш – испраќањето повеќе американски сили во Македонија, обезбедувањето танкер авиони КЦ-135 за Турција, одбивањето на турската улога во Босна, и како тоа ќе влијае врз нашите односи со Грција и претстојните турски избори. ЦИА истакна дека има загриженост поради растечкиот исламски фундаментализам во Турција, но дека главните проблеми на премиерката Тансу Чилер се економски, и дека САД тука малку може да стори. Во поставувањето на политичките приоритети, ниту еден од учесниците не се спротистави на оценката дека фокусот треба да биде на менаџирањето на кризата во поранешна Југославија – вклучително и на Македонија – и дека проблемите со Грците кои ќе произлезат од ова едностано ќе треба да се изменаџираат, пишува во белешката од состанокот подготвена од Норман Шиндлер.

Би можело да ве интересира

Поранешен агент на ЦИА осуден на 10 години затвор за шпионирање за Кина

Шефот на ЦИА: Западот не треба да се плаши од руските закани за нуклеарна ескалација

Горан Наумовски

Според сознанијата на ЦИА и МИ-6: Путин нема да успее, подемот на Кина е главниот предизвик

ЦИА: Украина има намера да задржи дел од освоената руска територија на некое време

ВИДЕО: Шефот на ЦИА се сретна со Кури во Приштина

ЦИА: Лидерот на Хамас Јахја Синвар е под притисок да прифати договор со Израел