Македонија има одлични постигнувања во исполнувањата на препораките на Групата на држави против корупција на Советот на Европа – ГРЕКО. Од 44 препораки 35 се целосно имплементирани, шест делумно, а само три не се имплементирани, изјави денеска на прес-конференцијата што се одржа во Министерството за правда членот на експертскиот тим на ГРЕКО за Република Македонија, Софи Меудал Лендерс.
Делумно исполнетите и неисполнетите препораки, појасни Лендерс, се од третиот круг на евалуација на ГРЕКО и се однесуваат на инкриминациите и на транспарентноста во финансирањето на политичките партии.
– Оваа рунда на евалуација се уште не е затворена. Македонија има се уште да работи на овие полиња, особено во сферата на финансирањето на политичките партии, но таа ситуација ќе ја разгледаме кога ќе го добиеме извештајот за Македонија во септември, изјави Лендерс.
Четвртиот круг на евалуација на ГРЕКО се реализира во периодот од 13 до 17 мај оваа година, а се однесуваше на превенција на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите.
Министерот за правда Блерим Беџети информираше дека во однос на овој круг на евалуација најпрвин од страна на ГРЕКО до Република Македонија беше доставен Прашалник со 27 точки во однос на превенција на корупцијата кај пратениците, судиите и обвинителите, механизмите за превенција на корупцијата кај овие категории, законските и институционалните механизми, обуките и едукацијата и слично.
Беџети рече дека Македонија навремено ги доставила одговорите на овој Прашалник до ГРЕКО. Врз основа на тие одговори и на податоците и информациите од теренската посета на Република Македонија ќе биде изготвен извештај за евалуација, односно за четвртиот круг на евалуација.
Во рамките на теренската евалуациона посета експертскиот тим на ГРЕКО се сретна со претставници на Собранието, на политичките партии и на стручните служби, од основните судови, од Апелациониот суд, Управниот и Вишиот управен суд, Врховниот суд, Судскиот совет, Здружението на судии, Адвокатската комора, Академијата за судии и јавни обвинители, како и со претставници од обвинителствата, Министерството за правда, Антикорупциска, од правобранителството, Правниот факултет, медиуми и невладини организации, како и со претставници на меѓународните организации во земјата.
Беџети особена благодарност изрази до Академијата за судии и јавни обвинители која, како што рече, несебично ја помогна реализацијата на оваа евалуациска посета на тимот на ГРЕКО.
Директорката на Академијата Анета Арнаудовска вели дека оценка во однос на овој четврти круг на евалуација од страна на ГРЕКО Македонија треба да очекува во декември 2013.