Македонците во Белгија масовно го дочекаа Велигден во Брисел

Од:

На достоен православен начин, со божествена литургија на која чиноначалствуваше струмичкиот поп Боро Милчев, Македонците од Белгија синоќа во македонскиот храм „Свети Пророк Илија” во Брисел во голем број го дочекаа Христовото воскресение.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, повеќе од 150 македонски христијани од Брисел, Вилворд, Буцвалд, Антверпен и Лиеж, синоќа во европската престолнина со радосниот восклик „Христос воскресна – навистина воскресна” си го честитаа големиот празник Велигден со надеж идната година да бидат уште побројни на големите христијански празници што ги обединуваат во белгиското Кралство.

Претседателот на македонското спортско-рекреативно друштво „Македонија”, Зоран Петровски, вели дека ова е десетта година по ред како тој лично организира црковен дочек на Македонците од Белгија во македонската црква „Св. Пророк Илија” во Брисел, додека на друштвото ова му е трета година да стои зад ваков настан.

Според Петровски, последните информации кои ги добиле од Амбасадата на Република Македонија во Брисел, околу 6.500 македонски државјани живеат во Кралството Белгија, од кои околу две и пол илјади се етнички Македонци.

 

– Повеќето од православните Македонци се концентрирани во Брисел, а две други места каде има поголема концентрација на нашинци се градовите Вилворд и во општината Буцвалд, во Лиеж и Антверпен. Токму затоа, во главниот град на Белгија се наоѓа и македонската црква „Св. Пророк Илија” и тука се одржуваат литургиите по повод големите празници како Божик и Велигден. Свештеникот Боро Милчев е испратен од страна на Македонската Православна Црква, а доаѓа од Струмичката епархија при МПЦ.

Во својата беседа на крајот од литургијата, попот Боро им порача на присутните дека Македонција е голема земја, славна земја, библиска земја.

– Библиска, бидејќи Светиот апостол Павле ја посети кога на сон му се јави глас и побара од него: „Дојди Павле во Македонија за да може да се посее Словото на Бога”. Затоа, драги браќа и сестри, ние сме избран народ. Не има низ целиот свет, па и овде во Брисел во Белгија. Ние не ја покажуваме само радоста од Христовото восресение, туку овде во колевката на Европа сведочиме и за Македонија и за Христа Бога – истакна попот Боро.

Свештеникот од Струмичката епархија при МПЦ, на насобраните православни Македонци им порача: „Иако сте далеку од родната грутка, Република Македонија, гледам дека сите ја носите во своите срца и да се молиме за нашата држава и политичарите, за да ја управуваат земјата во христијански дух”. На тој начин, според попот Боро, Господ ќе им даде на тој начин бериќет, спокој и мир на Македонците.

Со оглед на тоа што Брисел и Белгија се под јурисдикција на Европската епархија при МПЦ, организаторите најавија можност на 24 мај, на Денот на македонските светители, во единствениот македонски православен храм во европската и белгиска престолнина, да отслужат божествена литургија и европскиот владика Пимен и струмичиот митрополит Наум.

Би можело да ве интересира

Велигден – зошто не е секоја година на ист ден и како се пресметува датумот

Катерина Ѓуровски

МПЦ-ОА: Овој Велигден го славиме во канонско единство

Православните верници денеска го слават Велигден

За Велигден бесплатно паркирањето во Охрид, во вторник слободен влез во музеите низ градот

(ВИДЕО) Ковачевски со спот за Велигден: Зелената боја е зелена енергија, а тоа значи поевтина струја

Државна и црковна делегација во Ерусалим на преземање на Благодатниот оган во Базиликата на Светиот гроб

Ана Ололовска