Објект кој бил магацин на Армијата на Република Македонија, со вкупна површина од 1.450 метри квадратни, ќе биде реновиран и пренаменет во прв Центар за дизајн во Македонија. Лоциран е на улица „50-та дивизија“ во Скопје и досега беше под надлежност на Министерството за одбрана, а со одлука на Владата му е даден под наем на Здружението „Јавна соба“ од Скопје за период од 20 години.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски му го предаде симболично клучот од објектот на Александар Велиновски од „Јавна соба“, во присуство на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Таа истакна дека Центарот за дизајн во Република Македонија или Дизајн прототип центар – Јавна соба ќе биде единствен од својот вид на Блаканот, чија цел е да го подигне и артикулира работењето на дизајн секторот во Македонија и регионот.
– Овде младите дизјанери и иноватори ќе можат да користат најразлични машини, алати и техничка експретиза за да развијат прототип на производи кои ќе бидат понудени до македонските компании. Убедена сум дека ќе прерасне во епицентар на иновативноста и креативноста во Македонија, како и простор за експериметирање, креирање и развој на нови идеи, прототип решенија и развој на претприемништвото помеѓу дизајнерите. Иновативните решенија во вистински формат, овде, ќе бидат изложени, тестирани во помали размери пред јавноста и доколку го поминат првичниот испит, ќе го побараат својот пат на пазарот, рече Канческа-Милевска.
Центарот е дел од проектот Креативни индустрии, кој во изминатите години се покажува како исклучително продуктивна и профитабилна област. За да го поттикне креативниот сектор, Министерството за култура од 2013 година објавува годишни конкурси за финансирање проекти во областа на креативните индустрии и досега се одобрени вкупно 149.