На интернет страницата на Комисијата за верификација на фактите попладнево е објавено решението бр. 08-214/1, со кое е лустрирана Јадранка Костова, главен и одговорен уредник „Фокус“, за периодот кога таа била новинарка во Македонската телевизија.
Според Комисијата, во Државниот архив на Македонија, во личното досие бр. 7451, постојат документи за соработка на Костова со органите на државната безбедност.
Во решението за лустрацијата се тврди дека Костова самоиницијативно давала информации до ливе од Службата за државна безбедност, за две лица кои ги величале Тодор Александров и Ванчо Михајлов. Таа наводно соработувала со СДБ во периодот од 1993 до 1996 и давала информации за лицата со кои соработувала, под изговор дека ќе се прават интервјуа, се тврди во решението на комисијата.
Јадранка Костова пред да биде објавено решението на комисијата реагираше дека се работи за невистини.
„Она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денес, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за кој што знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење“.
Костова објаснува дека во времето кога ја водела емисијата „Без наслов, но со повод“ на МТВ, поради провокации врз бугарофилска основа, од извесен организатор, тогаш реагирала до министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчкоски и до шефот на УБК Добри Величковски, бидејќи сметала оти на редакцијата и се прават полициски местенки.
Колегите на Костова од Новинарскиот пленум денеска протестираа пред Комисијата за лустрација, но нејзиниот претседател Аџиев ги уверувал претставниците на Пленумот дека во случајот на Костова било постапувано неселективно и според законот.