Од говорот на премиерот Либералната Партија стекнува впечаток дека тој ги затвора можностите за поизвесна и подобра иднина на македонските граѓани.
Тоа го илустрира со неразбирањето на нашите проблеми од меѓународната заедница, неможноста да се реши спорот со Грција, со неговата недоверба кон главниот коалиционен партнер во Владата, со одбојноста што ја манифестира кон опозицијата или, накусо, ЛП го доживува говорот на Груевски како укажување дека постои „меѓународна завера“ кон Македонија и, наспроти тоа, неспособност на политичките сили во Македонија да обезбедат единство на нашето општество.
Ваквата слика што ја изложува премиерот многу личи на оние во 2008 и 2011, кога се подготвуваше за предвремени избори. Затоа, оценуваме дека говорот на Мечкин Камен ја следи таквата „предизборна“ реторика.
Граѓаните веќе научија дека штом западне во тешкотии, за да ја избегне политичката одговорност за состојбите – Груевски прибегнува кон нови избори. ЛП смета дека сите партии кои ќе ја следат ваквата логика на премиерот, ќе ја делат одговорноста за натамошното одложување на клучните решенија и за враќање на земјата во зоната на нестабилноста.
Ако сепак премиерот се реши да гради вистинско политичко единство во Македонија по клучните прашања, каде спаѓа спорот за името со Грција, останува нашата понуда низ консултации да се создаде Платформата за европските и евро-атланските интеграции и решавање на спорот што ЛП ја најави минатиот месец.