„Полноќниот избор на новата влада на Република Македонија во вистинска смисла на зборот навести дека доаѓаат нови денови што носат свои особености и своја логика. Таа појава премиерот Заев ја објасни како „чекорење во животот“. Ние му посакуваме успех во работата на премиерот и на целата влада.
Такво е чувството и кај убедливото мнозинство на граѓаните на Македонија, бидејќи сите тие очекуваат позитивни промени. Од 29 јануари 2017 година наваму овие два дена посветени на изборот на владата беа најтивки и најконструктивни. Беше напуштен методот на бојкот и насилство во работата на парламентот. За таа нова состојба во парламентот особен придонес даде претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери.
Тој веќе го положи испитот, и му посакуваме во таков стил и со таква ефикасност да го води Собранието до крајот на неговиот мандат. Текот на оваа седница може да биде добар знак и за однесувањето на опозицијата во периодот што претстои до крајот на мандатот на овој состав на Собранието и до изборите во декември 2020 година.
Либералната партија искрено му честита на новиот премиер Зоран Заев и особено го цени неговото однесување во барањето на решение во целата оваа политичка криза во Република Македонија. Тој беше изложен на невидено силен беспринципиелен напад во јавноста од страна на досегашната влада и досегашниот премиер, како и од особено добро сплетената мрежа на контролирани медиуми.
Во неговото политичко дејствување во овој критичен период, Заев веќе остави неколку резултати што претставуваа траен придонес во целиот процес на демократскиот развој на земјата.
Заев и неговата влада од првиот ден на нивната работа ќе се соочат со многу тешка ситуација и затоа особено е значајно што Заев побара од сите граѓани, па и од опозицијата соработка и помош во изнајдувањето некои специфични решенија, а и воопшто во спроведувањето на политиката на неговата влада.
Исполнети со надеж во успех во расплеткувањето на оваа наша состојба што дојде од долгогодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, му ја ветуваме целата наша поддршка и му посакуваме успех во идната работа“, се вели во соопштението на Либералната партија.