„По сите одложувања и пробивања на роковите од Пржинскиот договор, веќе е сосем јасно дека фер и демократски избори, „кристални“ или не, на 24 април 2016 не се возможни. Единствено возможни избори на 24 април 2016 се оние базирани на „праксата“ и „принципите“ од 2014. Затоа, сметаме дека единствен избор на опозицијата е да не прифати избори на посочениот датум.
Познат е ставот дека Либералната партија „Пржинскиот договор“ веќе го смета за ништовен.
Доколку во првиот следен настап Заев енергично не го одбие 24 април како датум за избори, нормални ќе бидат сомневањата дека постои „договор под маса“ меѓу Заев и Груевски.
Уште првиот пробиен рок на Пржино јасно ја покажа намерата на Груевски запролонгирање на роковите и за неизвршување на своите обврски. Поднесувањето оставка за него е само зацврстување на 24 април, а во тоа помош има и од Ахмети и од Тачи.
Од целокупната досегашна имплементација на договорот, поместување на изборите во период од два до три месеци нема да донесе суштински промениниту во избирачкиот список, ниту во медиумите, ниту во судството и полицијата, ниту во „техничката“ влада, а Специјалното јавно обвинителство нема да може да ги спроведе постапките навремено.
Оттука, според Либералната партија, суштинско решение е целосното анулирање на „Пржинскиот договор“. На потписниците на договорот од Пржино повеќе не смее да им се дозволи да носат одлуки за мнозинството од народот“, се вели во соопштението на Либералната партија.