Либералната партија објавува дека вчера на 05.09.2015 година формира иницијативен одбор на партијата кој веќе работи на собранието на општинската организација во Битола. За претседател на одборот е избран Васко Стојковски од Битола.
„Во овој период ќе ја докомплетираме партиската инфраструктура во градовите за новото темпо на активности на Либералната партија“, изјави Горан Николовски, генерален секретар на Либералната партија. „Наша определба е економијата на прво место, подобро образование, правда за сите, и еднаков пристап до можностите за сите граѓани и бизниси“.
На состанокот помеѓу другите беа издвоени и следните состојби:
Бизнис.Евидентен е трендот на затворање на малите фирми поради кризата и бројните инспекции во градот. Има случаи каде што се прават опструкции на фирмите што работат добро за да може да се преземат или да се затворат за да не бидат конкуренција на големите фирми со сопственици блиски на власта.
Образование. Во училиштата нема лаборатории за да може да се изведува квалитетна настава. Сметките на училиштата се постојано блокирани, владее непотизам кај наставниот кадар без да се земе предвид нивниот квалитет, исти лица се директори во повеќе мандати со ротирање во училиштата, а програмите не се адаптирани кај учениците со посебни потреби. Со отварањето на дисперзирани студии во мали места, се обезвредни квалитетот на високото образование.
Здравје и животна средина. Битола е еден од најзагадените градови во Македонија. Со забележлив тренд на луѓе заболени од рак. Шумите неконтролирано се сечат и не се пошумуваат соодветно.
Туризам и спорт. Битола и околината на Битола изобилува со можности за туризам и спортски дисциплини како планинарење, скијање и велосипедизам. Состојбата е многу лоша бидејќи планинарските домови се руинирани и нема соодветни патеки со места за одмор и освежување.
Погранична соработка. Скијачките центри во Грција од другата страна на планината Ниџе со врвот Кајмакчалан може да се поврзат со нови скијачки патеки во Македонија и со тоа сезоната на овој спорт да се продолжи со туристи од повеќе земји.
Генерално земено, епилогот е неквалитен живот и најперспективните млади ја напуштаат Битола и заминуваат во странство.
Сите овие проблеми и потреби Либералната партија ги става во агенда на делување и ќе ги обработува посебно тема по тема. Ова се дел од приоритетите на Либералната партија за Изборите 2016.