Во медиумите денес нема таква грижа за употребата на јазикот во јавната комуникација како од времето на јазичното катче во „Нова Македонија“ каде што Благоја Корубин ги бележел грешките и предлагал успешни решенија, или додека во МРТ постоел Советот за употреба на македонскиот јазик. Такво тело мора да постои, може и да е издвоено од Македонската радио-телевизија. Денес тоа се сведува на ентузијасти кои се заинтересирани да го негуваат јазичниот стил, рече проф. д-р Људмил Спасов на трибината „Македонскиот јазик во медиумскиот простор“ со која Институтот „Крсте Мисирков“ денеска ги заврши Отворените денови кои почнаа во понеделникот.
Стефан Зиглин и Томе Саздов, двајца исклучителни лектори во тоа некогашно тело, рече Спасов, организираа средби, издаваа билтени, забележуваа како тече јавната комуникација, особено на Македонската радио-телевизија, и потоа сето тоа го дискутираа со новинарите и постигнаа извонреден успех.
– За жал, тоа прекина со нивното заминување од куќата заради некои штедења. Постоеше и проект на професорката Лилјана Минова-Ѓуркова – „Јазикот во јавната комуникација“, со кој беше опфатен и јазикот на медиумите. Сето тоа би требало да продолжи. Во 2008 година имаше проект на Советот за радиодифузија за јазикот во медиумите и забележавме дека се повторуваат грешките од билтените на Зиглин и Саздов. Не се повторуваат поради новите генерации, туку поради клишето. За жал, една од пречките е што постојат клиширани модели кои постарите новинари им го пренесуваат на помладите. Независно како ќе ги воспитате и научите студентите по новинарство, и најдобрите студенти кога ќе дојдат со некои свои решенија, постариот уредник му го зема текстот и му го става во клише, и кога тој текст ќе се емитува – ги пренесува, т.е. ги презема грешките од најстариот – и во стилот, и во јазикот и во правописот. Но треба да разбереме дека јазикот се менува како што се менува и начинот на живеење, на облекување, на мислење, рече Спасов.
Посочи и дека порано многу се внимавало на изборот на спикерите и на новинарите во средствата за јавна комуникација кои, рече, и не беа многу и во таа смисла можеа да се контролираат. Гледањето во печатните грешки, правописот и пренесувањето странски имиња во телопите кои се прикажуваат за време на ТВ-вестите, рече, е сосема доволно за да го одземат вниманието од она што се соопштува на вестите.
Како пример ја посочи Хрватската радио-телевизија каде што, рече, и до ден-денес навистина се води сметка и не се штеди на употребата на јазикот во јавната комуникација. Најважно, додаде Спасов, е тоа што на ХРТ се внимава и на јазичните стилови, затоа што јазикот не може да се употребува исто во различни ситуации.
Проф. д-р Снежана Веновска-Антевска, координатор на трибината, рече дека медиумскиот простор се осовременува и формите преку кои се врши вербалната и невербачната комуникација е различен од порано. Затоа, рече таа, и ја организирале трибината за да слушнат различни мислења, а тие како стручни лица да се насочат понатаму во разглдувањето на прашањето за јазичната норма.
– Новинарите се повикани да направат корекција на сопствениот јазичен израз бидејќи од нив тоа се очекува. Треба да се гледа убавината на употребата на нормата. Таа не е нешто што нè ограничува, туку прави посоодветно да се изразуваме и затоа пораката до новинарите е самокорекција. Дури и ние што се занимаваме со наука, си правиме сопствена корекција, рече Веновска-Антевска.
Институтот за македонски јазик дава насоки од научен аспект, но не може тоа да го наложи и не зависи само од лингвистите дали тие ќе се применуваат. Во однос на почитувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, рече дека немало некои посебни санкции.
-Сè е оставено така да се одвива, и на секоја средба во врска со законот ние нешто кажуваме, тие што треба да го спроведат – ветуваат, но најважно е тие што го употребуваат да се совесни кон сопствениот јазик, додаде Веновска-Антевска.
На трибината присуствуваа средношколци од „Георги Димитров“ кои претставија проект за неформалната интернет-комуникација со употреба знаци која е зачестена кај младите, при што се комбинираат броеви со букви, пр. ма4е за маче, 5ок за петок, св. 3фун за св. Трифун, 100јан за Стојан, скратување на зборовите, како МСМ – мислам, НЗ – не знам, МН – многу, употреба на математички симболи, па и визуелизација кога делумно се употребуваат слики/анимации…