Вертикална лифтовска платформа наменета за лица со посебни потреби денеска е пуштена во употреба во Младинскиот културен центар. Лифтот го предадоа во употреба градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски и директорот на МКЦ-Скопје Златко Стевковски.
Идејното решение за лифтовската платформа го подготвија професори од Машинскиот и од Архитектонскиот факултет од Скопје, а нивната изведба ја направи „Маклифт“. Поддршка даде и домаќинот, Младинскиот културен центар. За оваа намена од Буџетот на Град Скопје за годинава се издвоени 1.907.234,00 денари.
– Ова е трет ваков лифт кој Градот го изгради за лицата со посебни потреби. Во насока на остварување социјална заштита, односно подобрување на квалитетот на нивното живеење и создавање услови за независен живот, што претставува еден од главните приоритети на Град Скопје, градот во 2010 година ја постави лифтовската платформа за лица со посебни потреби, во СУГС „Михајло Пупин“. Градот создаде услови за вклучување на лицата со посебни потреби во воспитно образовниот процес на тој начин што училиштата ги направи достапни за сите ученици во Скопје, но и за оние кои доаѓаат да учат во Скопје од другите градови на Републиката, рече градоначалникот Трајановски.
Исто така, на почетокот на 2014 година, додаде, Градот ги постави лифтот и лифтовската платформа за лицата со посебни потреби, сегашни и идни ученици во градското средно училиште „Арсени Јовков“, со што се придонесе за овозможување непречено следење на наставата во оваа образовна институција.
– Ова е само уште една потврда дека градот е можеби и единствената институција која има изградено толкав број лифтови наменети за лицата со посебни потреби, институција која неуморно работи во насока на олеснување на нивниот живот, истакна Трајановски.
Тој најави дека и во иднина политиката на Градот Скопје ќе биде унапредување на остварувањето на правото на пристапност на лицата со посебни потреби, а тоа е создавање услови за нивно вклучување во општествените текови и непречено следење на образовната настава и културно забавниот живот, како и спортските настани во градот. Според него, доказ за тоа е дека во 2014 година, за оваа намена, во Буџетот на Град Скопје и во Програмата за социјална заштита се предвидени 4. 000.000,00 денари.
Директорот Стевковски изрази задоволство што од сега и лицата со посебни потреби ќе можат да следат повеќе од стотина културни манифестации, што се дел од годишната програма на МКЦ.
Програмата на Градот Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со посебни потреби, до институциите во градот, е развојна. Почнувајќи од 2007 година, Градот Скопје изгради 18 пристапни рампи за лицата со посебни потреби во 12 средни училишта кои се во негова надлежност, како и 5 пристапни рампи на влезовите и други поважни приоди на 5 градски културни институции.