Законските измени за лична карта и живеалиште за експертите, но и за коалициската ДУИ се нова можност за изборни манипулации. Владата предлага издавање на лична карта да се поднесе во надлежна организациска единица на МВР, според местото на престојувалиштето.
Со предложените законски изменувања и дополнувања предвидена е можност поднесувањето на барањето и подигањето на личната карта да се врши во простории надвор од службените простории на МВР, при што граѓанинот ќе треба да плати посебен надоместок за извршената услуга. Без прецизирање, останува отворена дилемата дали лични карти ќе можат да се издаваат и во дуќани и гранапи?
ДУИ, поради аферата со Пустец, кога и по 78 лица беа пријавени во еден стан и им беа издавани лични карти, бара прецизирање колку најмалку квадратни метри простор за едно лице е потребно за да се дефинира како живеалиште.
Сомнеж отвора прашањето дали преку добивање на лична карта во друга општина ќе може вештачки да се зголеми бројот на гласачи во посакуваната општина, па дури и дали ова значи поседување две лични карти, па и два пати да се гласа. Извршниот директор на МОСТ Дарко Алексов прашува дали целта е со овие измени е да се спречи злоупотреба на гласачите и дали ќе се спречи на една адреса да се регистрираат 40 – 50 полнолетни граѓани кои се гласачи.
Цветанка Иванова, правник и поранешен пратеник и претседател на Законодавно-правната комисија посочува дека власта наместо да ги имплементира препораките и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, таа си тера по свое.
„Ова уште повеќе ќе ја продлабочи кризата. Овие законски измени ќе значат уште еден озаконет извор на изборни нерегуларности и озаконување на Пустец“, вели Иванова. Измените на Законот за лична карта ја минаа комисиската фаза во Собранието, додека измените на Законот за живеалиште и престојувалиште ќе бидат предмет на собраниска расправа.
Т.Ц.