Левица: Унапредувањето на Фетаи е навреда за секој што чесно работи

Од:

Во држава во која граѓаните со мака заработуваат мизерна плата, Владата на ДПМНЕ создаде привилегирана политичка каста во која неработењето е најсигурниот пат до повисока функција. Арбен Фетаи, човекот кој со месеци не се појавуваше на работа, а редовно земаше плата од парите на граѓаните, денес е награден со дипломатски статус и нова државна титула. Од вицепремиер за добро владеење (функција што со него прерасна во најскапиот политички оксиморон во државата) преку ноќ стана специјален пратеник. Мицкоски наместо да испратат порака дека злоупотребата на јавната функција носи одговорност, тој покажа дека може уште подлабоко да коленичи пред ВРЕДИ, велат од Левица.

– Најгласните самопрогласени “бранители на достоинството“ повторно ја свиткаа кичмата. Истите оние што градеа политички кариера на патриотски пароли, денес без трошка срам ги претвораат државните функции во жетони за поткусурување на коалициската покер-маса. Кога се во прашање фотелјите, исчезнуваат сите црвени линии, испаруваат свечените заклетви и се распаѓа целата театарска претстава за принципиелност. Останува само голиот инстинкт за опстанок на власта.

Наместо одговорност за месеците во кои јавноста се прашуваше каде е човекот што прима државна плата, а тој објавуваше фотографии од приватно патување во Тајланд, следуваат дипломатски пасош, нов кабинет и уште повеќе привилегии. Наместо санкција, тој е награден и унапреден. Така изгледа мерит-системот на Мицкоски – систем во кој не се вреднуваат трудот, стручноста и резултатите, туку политичката погодност, коалициската послушност и подготвеноста државниот интерес да се жртвува за уште еден ден на власт.

ДПМНЕ не управува со државата, туку со коалициски долгови. Секоја нова функција е рата од политички договор, секоја институција е монета за поткусурување, а секое коленичење се плаќа со јавни пари. Кога власта почнува да ги унапредува оние што не работеле, а чесниот македонски работник мора да ја заработува секоја мизерна плата со пот и труд, тогаш не се понижува само институцијата, туку и секој граѓанин што ја финансира оваа срамна политичка трговија. Кај оваа власт нема ни трошка срам, ниту грам достоинство. Секоја нивна политика е уште една навреда за секој граѓанин што чесно живее од својот труд, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица: Ден Дончев ја разобличува „борбата против криминалот“ на ДПМНЕ

Левица: “Транспарентност“ по вмровски рецепт – ДПМНЕ предлага да платиш за да видиш кој го добил тендерот, итно да се повлече предлог-законот

(ВИДЕО) Крмов: Гаши ги ускрати пратеничките прашања на опозицијата со произволно толкување на Деловникот

Левица: ДПМНЕ мести свои луѓе да го надгледуваат прислушувањето – го преземаат и граѓанскиот надзор

(ВИДЕО) Мециновиќ: ДПМНЕ го исклучи народот од одлучувањето за сопствените пари – не прифати ниту еден од 124-те амандмани на опозицијата за ребалансот на Буџетот

Левица: Студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра поради тоа што оброкот е замрзнат на 140 денари

А1он