Левица: Пратениците повторно испумпаа 14,4 милиони за патни трошоци, ние нема да учествуваме во овој грабеж

Од:

Фактот дека само во 2025 година од државниот буџет се исплатени 14,4 милиони денари за патни трошоци на пратениците е брутален доказ за длабоко вкоренетата „култура” на расипнички, ненаситни и безобразни функционерски привилегии и отсуство на елементарна финансиска и морална одговорност. Во услови на вртоглава инфлација, уривање на животниот стандард и секојдневна борба на граѓаните за гол опстанок, ваквото голтање на народните пари претставува институционализиран грабеж и удар врз јавниот интерес, велат од Левица.

„Патните трошоци се користат како паралелен канал за лично богатење. Станува збор за легализирано извлекување јавни средства без контрола, врска со реални трошоци и без отчетност кон граѓаните кои го полнат буџетот.

Особено скандалозно е што ʼнајскапите пратенициʼ се политички анонимуси, неактивни и безначајни фигури во законодавниот дом, без суштински придонес, законодавен учинок или видлив јавен ангажман. Односно, не станува збор за активни народни претставници, туку за пасивни буџетски паразити кои јавноста може да ги препознае единствено по сумите што ги инкасираат, а не по резултатите во служба на граѓаните.

Во ваков контекст, политичката ароганција на власта на ДПМНЕ што се манифестира преку продолжување на овие исплати претставува отворено демонстрирање на отуѓеност од социјалната реалност. Додека народот тоне под товарот на мизерните плати, скапата храна, високите сметки и недостижните кирии, владејачките елити си обезбедуваат удобност, луксуз и дополнителни приходи без трошка срам и надвор од секоја пропорција со економските можности на државата.

Левица останува единствената парламентарна партија која, и во претходниот и во овој мандат, нема земено ниту денар за патни трошоци – ниту за гориво, ниту за патарини, ниту за кирии. За разлика од останатите пратеници кои функцијата ја доживуваат единствено како средство за што поголема акумулација на лични бенефиции и материјална корист, Левица доследно покажува дека пратеничкиот мандат е јавна одговорност и служба во интерес на граѓаните, а не привилегирана позиција за мегаломанство и ненаситност.

Во претходниот мандат Левица поднесе предлог-закон за целосно укинување на патните трошоци, кој беше одбиен од тогашното парламентарно мнозинство на СДСМ-ДУИ. На почетокот на 2025 година, во овој мандат, Левица поднесе предлог-закон за ограничување на патните трошоци, кој беше одбиен од актуелното владејачко мнозинство на ДПМНЕ–ВРЕДИ–ЗНАМ. Со тоа, ДПМНЕ јасно и недвосмислено покажа дека за нив сопствените расипнички бенефиции се поважни од јавниот интерес, а заштитата на привилегиите има приоритет над рационалното и чесно управување со народните пари.

Но, ваквиот систем на грабеж не опстојува само поради политичката алчност, туку и поради долгогодишната толеранција кон истите структури. Континуираното рециклирање на истите партии и истите политики создаде амбиент во кој владејачката елита се чувствува недопирлива и комотна да ја третира државната каса како личен и партиски фонд. Додека граѓаните се борат за егзистенција и ја губат вербата во промена, ДПМНЕ и сличните структури ја цементираат својата моќ и ја институционализираат злоупотребата, тврдат од партијата.

Би можело да ве интересира

Левица: Болните од хемофилија пола година без лекови заради празници и тендери

Левица е за укинување на пржинската влада, но инсистира на една изборна единица и се фер рекламирање

Левица: Љутков со „упатство“ поништува судски пресуди за плати во културата

Горан Наумовски

Левица: Комисии за боледување наместо лекување – административна тортура врз повредените во „Пулс“

Левица: Поддршка до народот на Венецуела и нејзиниот демократски избран претседател Николас Мадуро

Предраг Петровиќ

Левица: Минималната плата под прагот на сиромаштија, секое трето дете живее во беда