На 3 октомври Дејан Јованов – Деко, сопственикот на „Пулс“ ќе излезе од притвор исцрпувајќи го законскиот рок во кој оваа мерка може да трае по оценката на обвинението. Судењето, пак, продолжува до неедоглед. Значи, најстрогата процесна мерка стигна до својот законски крај пред постапката да стигне до првостепена пресуда. 3 октомври не падна од небо, имено, Законот за кривичната постапка не пропишува само услови за притвор. Тој изречно налага неговото траење да биде сведено на најкратко нужно време и ги задолжува сите органи што учествуваат во постапката да постапуваат со особена итност кога обвинетиот се наоѓа во притвор, велат од Левица.
– Левица предупредуваше и на нешто уште посуштинско, а тоа е структурата на самото обвинение. Уште во јули 2025 година Апасиев јавно ја оспори таканаречената „верижна линија на одговорност“ и предупреди дека обвинителска конструкција во која десетици лица од различни институции, со различни дејствија и од различни временски периоди се врзуваат како соизвршители за истата смртна последица, создава огромен проблем со докажувањето на индивидуалната вина и причинско-последичната врска. Тогаш предупреди дека предметот ризикува да стане ново „Змиско око“ – процес кој ќе се влече со години, а на крај може да произведе и практична амнестија.
Главниот предмет опфаќа 35 физички и три правни лица, а уште пред почетокот на главната расправа беа најавени околу 1.440 докази и 283 сведоци. Кривичната одговорност, меѓутоа, не се докажува со бројот на обвинети и со дебелината на предметот. Таа е индивидуална и за секој обвинет мора прецизно да се докажат конкретното дејствие или пропуштање, вината и каузалната врска со последицата. Ако обвинителството сака во една иста правна конструкција да врзе повеќе од една деценија институционално непостапување и десетици различни лица, тоа не ја прави автоматски правдата посилна, туку може да ја направи постапката подолга, потешка и правно поранлива.
Но, согласно Закон, Судот може, од важни причини или од причини на целесообразност, постапката против одделни обвинети да ја раздвои и посебно да ја доврши. Оттука, кога сите знаеле дека првообвинетиот е во притвор и крајниот рок бил однапред пресметлив, а било јасно дека се создава процес со десетици обвинети и огромен доказен материјал – дали навреме биле исцрпени сите процесни можности овој предмет да не се претвори во правосуден мастодонт во кој роковите ќе бидат побрзи од пресудите, нагласуваат од партијата.
