„Наместо полни со оптимизам и позитивни чувства да ја одбележуваат 25-годишнината од независноста на Република Македонија, мнозинството граѓани воопшто немаат причини за славење. Нивниот живот станува сè потежок, не можат да си дозволат многу нешта што претходно можеа и единствениот спас што многумина го гледаат е заминувањето од земјата засекогаш.
25 години осиромашување и обесправување на работниците! Тоа беа овие 25 години! Македонија ја имаше една од најкриминалните приватизации во целиот поранешен Источен блок! Македонија е претворена во рај за странските инвеститори, а пекол за работниците. Во Македонија власта се фали пред странските инвеститори со тоа колку евтина работна сила има, со тоа колку малку треба да го платат трудот на работниците за уште повеќе да се збогатат. Па зарем потоа зачудува што во Македонија класните разлики меѓу богатите и сиромашните се меѓу највисоките во цела Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз? Во Македонија во последните години, секој осми ден умира по еден работник на работното место. За какви воопшто стандарди на почитување на работничките права да зборуваме во таков контекст!? А синдикатите станаа немоќни, пред сè бидејќи во најголем број случаи се окупирани од синдикалната бирократија, која примарно се грижи за сопствените фотелји и која и’ седеше во скутот на секоја од досегашните влади, штитејќи ја власта од работниците, а не работниците од власта и капиталистите.
Во 1991 година ни беше ветувана демократија.Затоа што бившиот систем беше недемократски. Но ние никогаш не успеавме да направиме исчекор кон демократијата: во Македонија партиската држава не престана да постои ниту на кратко. Секоја владејачка гарнитура ги пополнуваше работните места не според стручност, туку по партиски клуч. На јавниот информативен сервис никогаш не му беше дозволено да биде нешто друго освен орган за владина пропаганда. На чело на секој орган или организација што има одредена моќ (од судство, преку синдикатите, до студентските организации) се вршеше притисок да се постави човек близок до „елитите“ кои во тој момент беа на власт.
А сето тоа неизмерно се влоши во последните години. Дури и за македонски стандарди, власта почна да се злоупотребува во невидени размери. И веќе престанавме да бидеме демократија, освен на хартија. Режимот, наводно составен од заколнати антикомунисти, ја партизираа државата во размери нетипични и за поранешниот систем, воспоставија речиси тоталитарна контрола врз секоја институција и организација, почнаа да ги полнат затворите со политички неистомисленици. Ако им дозволиме, овие наводни патриоти набрзо ќе воведат црна диктатура во Македонија и ќе ја закопаат иднината на нашата земја.
За најостра осуда е и делењето на народот по етничка основа и распалувањето на национализмот од сите транзициски политичари со цел да го одвлечат вниманието на граѓаните од реалните проблеми и со цел тие намира да го крадат народот. Додека ние се мразиме, тие нè ограбуваат! Мора да му застанеме на патот на национализмот и да не дозволуваме да нè влечат за нос разноразни самопрогласени патриоти со длабоки џебови.
По 25 години, по цел четврт век, конечно треба да завртиме нов лист! Македонија не е толку сиромашна земја за да има толку сиромашни луѓе. Да не дозволуваме понатаму да нè грабаат, да нè угнетуваат и да нè манипулираат хронични клептомани. Да не ја прифаќаме „судбината“ дека не може да биде поинаку, туку да ја прегрнеме борбата за подобро утре! Секој е ковач на сопствена судбина. Да си исковаме посветла иднина! Нека ни е честит првиот ден од следните 25 години, години од што треба да создадеме причина за заедничка гордост“, се вели во соопштението на ЛЕВИЦА.