Ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски е во Македонија, тврди неговиот адвокат Владимир Доневски за „А1он“. Ова следува откако на социјалните мрежи се споделуваат фотографии со кои се тврди дека Рашковски летува на Халкидики во Грција. Станува збор за три фотографии, намонтирани во една. На нив се гледа шатор, камп приколка. Не е познато кога се направени.
„Не е точно, лага е. Тој е во Македонија“, одговори адвокатот Доневски на прашањето од „А1он“ дали Рашковски е надвор од Македонија иако е без пасош, кој не сакаше повеќе да коментира.
Ексгенералниот секретар Рашковски за кого се води кривична постапка остана без пасош откако беше ослободен од домашен притвор. Поради опасност од бегство, истиот му беше одземен. „А1он“ праша во Кривичниот суд, дали во меѓувреме му е вратен пасошот како и дали добиле такво барање, но оттаму нема одговор. Следното негово судење е закажано за во септември, поради судската ферија односно одморите на судиите.
За случајот за којшто му судат, Рашковски е првообвинет за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, којшто софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски.
Во случајот осомничен е и Даниел Станчески од Друштвото за инженеринг, информатика и дигитален дизајн „Инвока груп“, од кое Генералниот секретаријат на Владата го купил софтверот за определување на брзина на возила во сообраќај и изрекување казни.
Според обвинението, Рашковски и уште шест лица ја злоупотребиле службената положба при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и јавни набавки на камери и опрема за препознавање на регистарски таблички.
Во обвинението се наведува и дека Рашковски склучувал авторски договори со физички лица, кои сега се дел од обвинетите, иако знаел дека воопшто не ги извршувале своите работни задачи согласно склучените договори, сепак им исплаќал месечни хонорари, а тие потоа му враќале дел од хонорарите во кеш.