Главниот координативен кризен штаб ѝ предложил на Владата од 27 април до 15 мај угостителските објекти да почнат со работа, но да ги отворат само летните тераси за гостите.
Во тој период се предлага да остане забраната за движење во ноќните часови, но наместо од 20, полицискиот час да трае од 21 до 5 наутро.
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен кризен штаб, како што соопшти владината служба за информирање, ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица и тоа конкретно за: во периодот од 27 април (вторник), заклучно со 15 мај (сабота), да се отворат угостителските објекти за работа со посетители/гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел), забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден, да ги разгледа можностите при намалување на рестриктивните мерки да се дозволи организирање на спортски тренинзи организирани од страна на фитнес центри/клубови на отворен простор (наместо во затворена спортска вежбална/сала) и други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.
Денеска Комисијата за заразни болести препорача полицискиот час во периодот од 20 до 27 април да продолжи да важи од 20 до 5 часот и кафулињата, а рестораните да останат затворени и во наредните седум дена. Владата утре треба да ја усвои одлуката.
Наведените предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозараени и хоспитализирани лица, за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од Ковид-19 и активните протоколи за функционирање во услови на Ковид-19, стои во соопштението.