Од 29 до 31 август годинава, во Струга, ќе се одржи првиот Летен камп за млади на Движењето ЗНАМ, настан што ќе ја обедини младата енергија, визијата и љубовта кон татковината“ соопшти на денешната прес конференција на Движењето, Мила Петрушевска, која нагласи дека со ова се отвора едно ново поглавје во работата на партијата.
„Овој камп за нас претставува повеќе од собир – тој е младинска лабораторија за идеи, можност за младите да учат, да се инспирираат и да изградат визија за една поинаква, помодерна Македонија“, рече Петрушевска.
„На кампот ќе се обработат теми што директно го засегаат младинското делување и политичкиот активизам:
• Политичките партии како лаборатории за идеи
• Политичките идеологии како основа за креирање на јавни политики, вредности и принципи
• Локалните избори: Етика, интегритет и избори
• Основи на јавно говорење и реторички вештини – Своето знаење и искуство на младите ќе им го пренесат врвни експерти како:
• Деспот Ковачевиќ, универзитетски професор на Факултетот за политички науки во Белград
• Бисера Шегмановиќ, специјализиран обучувач за јавно говорење и реторика, поранешна претседателка на Клубот на оратори при Правен факултет „Јустинијан I“ во Скопје
• Ненад Марковиќ – универзитетски професор на Правен факултет „Јустинијан I“ во Скопје.
Петрушевска нагласи дека во рамките на кампот ќе се одржи и работилница на тема: „Демократијата во практика – од идеја до реализација“, како и практични вежби за јавен настап, со што младите ќе стекнат практични знаења и самодоверба за активно учество во политичкиот и општествениот живот.
„Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, г-дин Максим Димитриевски, ќе присуствува на кампот со младите, ќе ја сподели својата визија и ќе ги охрабри младите да ги следат своите идеи со храброст и љубов кон татковината. Свое обраќање ќе има и претседателот на Градската организација на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, г-дин Мирослав Лабудовиќ, кој ќе ја поддржи младинската енергија и ќе ја истакне клучната улога на младите во градењето на одговорни и динамични локални заедници“, рече таа.
„Посебен акцент на кампот ќе биде и иницијативата за формирање на Клуб на млади на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, кој ќе претставува долгорочна платформа за младинско организирање, идеи и лидерство. Овој камп за нас претставува искра што ќе го разбуди огнот на младинските идеи. Младината на Движењето ЗНАМ ќе учи, ќе пробува, ќе создава, ќе се бори и ќе верува – секој ден, секој момент. Од Струга ќе тргне енергија што ќе се шири низ целата земја, енергија на луѓе храбри, креативни и полни со љубов кон Македонија, подготвени да ја градат земјата каква што ја сакаат.
Ова е почеток на нова приказна, приказна во која младите остануваат, вложуваат срце и душа и со секој чекор ја градат Македонија посветла, посилна и побогата со надеж и љубов“, рече на денешната прес конференција на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Мила Петрушевска.