„Движењето за социјална правда – Ленка, смета дека власта уште еднаш го покажа својот ригиден и тоталитарен начин на владеење и бара да се обезбедат барем минимални демократски услови за политичко делување и мнение различно од нејзиното, без притоа чинителите на истото да бидат кривично процесуирани пред „независните“ управни и правосудни институции на системот. Неспорно, евидентен е стравот кој е се` повеќе присутен кај ВМРО-ДПМНЕ, од зачестените и основани социјални изблици на различните општествени категории и групи во РМ, кои не се согласуваат со нерационалното однесување на власта.
Воедно бараме и од опозиционата СДСМ да го напушти својот дефанзивен опортунистички став, на пасивни и бомбастични изјави и конечно да ги обелодени долго и веќе предолго најавуваните информации/докази за криминални дејаниа владејачките политичари, кои според нив „власт значат“.
Сакаме да укажеме дека овој политички конфликт, на апсења, обвинувања, етикетерања и сензационални изјави, инициран од засега единствените релевантни чинители на политичката сцена, е тенденциозен со цел што подолго и активно да се одржува апатичноста кај мнозинството на граѓаните, како би се дефокусирале од проблемите на секојдневната сиромаштија и сивило со кои се соочуваат.
Имено, да потсетиме дека додека се случува ова, РМ е во врвот на еколошки најзагадените земји во светот, а воедно е и помеѓу најсиромашните држави во Европа, со речиси најнизок економски стандард, со огромен и се попрогресивен класен јаз помеѓу богатите и сиромашните, со реална невработеност над 30%, со огромни драконски кзани/глоби за граѓаните и со најголема девалвација на работничките права“, се вели во соопштението на Ленка.