Движењето за социјална правда „Ленка“ го доведува во прашање триумфализмот со кој политичките елити во Македонија го означија постигнувањето на новиот политички договор како „победа на демократијата“ и „победа на Република Македонија“. Овој договор предвидува предвремени парламентарни избори во април, поделба на пет клучни министерства помеѓу власта и опозицијата од октомври, како и избор на нов јавен обвинител од септември кој треба да ги истражи случаите на прислушкување. Овој договор предвидува и воспоставување на принцип за сите наредни парламентарни избори, 100 дена пред нивното одржување, Владата да си поднесе оставка и истите да ги спроведе преодна Влада.
Сметаме дека, во овој зад врати постигнат договор не постојат никакви показатели дека во иднина ќе бидат воспоставени демократски механизми и инструменти според кои, ќе дојде до израз волјата на народот. Во овој договор не постои ништо суштинско кое се однесува на демократизацијата на општеството. Уште повеќе, тврдењето на Премиерот дека „економијата се ослободува од стегите кои и` ги наметна кризата“ и дека таа магично ќе расте со што би имале општ благодет, воопшто не соодветствува со реалноста во која живеат македонските работници, грубо експлоатирани во новите странски директни инвестиции, кои и` служат на моменталната гарнитура како најголема реклама за нејзините таканаречени „остварувања“.
Целата реторика со која политичките лидери се служеа последните неколку месеци: диктатура, странски служби и предавници, затвор за политичкиот опонент и слично, во крајна линија се испостави дека е само добар политички маневар за интерна употреба, како секој би ги задоволил апетитите на своето членство. Целата оваа реторика, падна во сенка со самиот факт дека и покрај сите изречени квалификации, политичките лидери сепак седнаа на маса да преговараат со посредништво на евро-комесарите и на тој начин беше легитимиран целиот авторитарен режим, цело време оспоруван и напаѓан од страна на опозицијата.
ДСП „Ленка“ како левичарска и класно ориентирана организација продолжува будно да ги следи настаните, ставајќи се првенствено на страна на големото и тивко мнозинство, борејќи се рамо до рамо со сите обесправени против овој и секој нареден анти-народен и анти-социјален режим.