Леб од 126 денари за килограм, неискористени душеци и двајца директори на платен список – што откри ревизијата во „Пелагонија“
Набавки по цени повисоки од пазарните, неискористени душеци вредни над еден милион денари, исплати без соодветна документација и сериозни слабости во јавните набавки и внатрешните контроли утврдил Државниот завод за ревизија во работењето на Државниот студентски дом „Пелагонија“ Скопје.
ДЗР извршил ревизија на финансиските извештаи и усогласеноста на работењето на домот за 2024 година и изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива.
Еден од највпечатливите наоди се однесува на набавката на леб. Во 2023 година договорот бил склучен по цена од 57,46 денари за килограм, но при реализацијата економскиот оператор фактурирал едно парче леб како килограм. Поради слабите внатрешни контроли, ова било откриено дури кон крајот на 2024 година. Со новиот договор во 2025 година, цената на лебот достигнала 126 денари за килограм, иако пазарната цена била околу 70 денари.
Ревизорите откриле и проблеми со набавката на душеци. Во 2023 година биле набавени 250 душеци за 1,174 милиони денари, но со димензии различни од оние во техничката спецификација. За нив немало соодветна документација за прием, а душеците биле складирани во домот и воопшто не биле ставени во употреба. Претходно, од истиот добавувач биле набавени уште 450 душеци, иако постојните биле во добра состојба.
Дополнително, за одржување и сервисирање на опрема биле потрошени 1,209 милиони денари, но за дел од фактурираните услуги немало целосна и веродостојна документација. Не биле обезбедени ниту доволни докази дека услугите навистина биле извршени или претходно побарани од домот.
Ревизијата утврдила и исплати за гориво, сервисирање и резервни делови за приватно моторно возило одобрено за службени цели, без соодветна веродостојна документација. Според ДЗР, тоа укажува на можност за користење буџетски средства за приватни цели.
Во извештајот се наведува и дека шест месеци биле исплаќани плати за две лица на функцијата директор, како последица на недонесување правно издржано решение од Министерството за образование и наука за разрешување, со истовремено распоредување и утврдување на платата на раководното лице.
Проблеми има и со имотната и сметководствената евиденција. Во евиденцијата на домот не била евидентирана опрема во износ од 21,563 милиони денари, а не било евидентирано ниту побарување од 1,127 милиони денари по правосилна судска пресуда.
ДЗР констатирал дека во домот не е воспоставен функционален систем на внатрешна финансиска контрола кој би обезбедил трансакциите да се вршат согласно законите и врз основа на соодветна и веродостојна документација.
Ревизорите укажуваат и на неизвесноста во однос на финансиската одржливост на „Пелагонија“, поради што препорачуваат Министерството за образование и наука, заедно со државните студентски домови, да направи анализа на економската цена на сместувањето и исхраната на студентите.
