Лапе: Прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид во земјава, овчарот од Старо Нагоричане ќе се товари за четири убиства

Од:

Јавното обвинителство Куманово, во соработка со Истражниот центар при Обвинителството, СВР Куманово и другите надлежни државни органи, ја прошири истрагата против осомничениот дваесет и петгодишен овчар од Старо Нагоричане за уште четири тешки кривични дела, убиство и обид за убиство од квалификуван облик, информираше обвинителот Љубомир Лапе.

Како што соопшти Лапе, по обезбедување нови докази, истрагата е проширена за две кривични дела убиство од квалификуван облик и две кривични дела обид за убиство од квалификуван облик, со што во моментов се води истрага за вкупно шест кривични дела, од кои четири се довршени убиства, а две се останати во обид.

Тој нагласи дека, според досегашните сознанија, станува збор за прв случај во државата каде што доказите упатуваат на сериски убиец со елементи на фемицид, односно родово базирано насилство, имајќи предвид дека кривичните дела биле насочени кон жени.

– Колку што ми е мене познато, ова е прв случај кај кој од доказите произлегува дека се работи за сериски убиец кој сторил и кривично дело фемицид, односно родово базирано насилство – посочи обвинителот.

Лапе информираше дека истрагата ќе продолжи и изрази очекување дека по нејзиното довршување, за реално краток рок, ќе биде поднесен обвинителен акт против осомничениот.

Воедно, тој потврди дека лицето сè уште се наоѓа во притвор, кој му е продолжен, и дека по комплетирањето на истражната постапка ќе следува официјално обвинение.

Обвинителот Лапе на денешниот брифинг со новинарите информираше дека истражните активности се воделе по утврден план, при што биле анализирани настани три години наназад, а, како што нагласи, „сè што било индикативно е проверено“.

Во рамки на истрагата бил формиран посебен тим кој извршил анализа на сите починати жени во наведениот период, кај кои постоеле индиции дека смртта може да е последица на кривично дело убиство. По направената анализа била изготвена листа на потенцијални жртви, а кај три случаи била направена проценка за ексхумација и обдукција.

Кај една од починатите не биле најдени наоди кои упатуваат на убиство, но кај две жени се утврдило дека станува збор за жртви.

Во однос на обидите за убиство, Лапе посочи дека едната од нападнатите жени не го видела сторителот, додека втората го видела и го препознала осомничениот.

Првите две убиства, за кои веќе е отворена истрага, се случиле во периодот од 23 јануари до 12 февруари 2026 година, додека втората истрага се однесува на настани од 17 до 18 јануари 2026 година. Третото проширување на истрагата ги опфаќа убиствата сторени во периодите од 5 до 6 јануари 2025 година и од 5 до 6 јуни 2025 година. Обидите за убиство, според истрагата, биле извршени на 21 јуни 2025 година и на 9 февруари 2025 година.

Против дваесет и петгодишниот Т. Б., како што информираа во март оваа година од СВР Куманово, биле поднесени и кривична пријава поради постоење основано сомнение дека е извршител на две „тешки кражби“ по член 236 од деловен објект и приватен имот и „кражба“ по член 235 од товарно моторно возило.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава за двајца мртвопроверители за случајот со сериските убиства во Старо Нагоричане

Серискиот убиец од Старо Нагоричане осомничен за уште две убиства и два обиди за убиство

Катерина Ѓуровски

Обвинителството собира докази за осомничениот за убиства во Малотино и Старо Нагоричане

Опожарени дваесетина хектари нискостеблеста шума и сува трева во Макреш, Старо Нагоричане

Проширена е истрагата против 25-годишниот овчар – сериски убиец од Старо Нагоричане

Проширена е истрагата за осомничениот сериски убиец од Старо Нагоричане, ќе се врши нова ексхумација