Новиот состав на Советот на Општина Гевгелија ги наследи финансиските задоцнувања во реализиацијата на буџетските остварувања уште во разгледувањето на првиот квартален извештај за периодот јануари – март 2013 година.
Споредбата е во однос на четиригодишните последователни буџетски спустови на старо-новиот градоначалник, кој и во петтата година од својот мандат продолжува со намалени остварувања на буџетските приходи во однос на планираното.
За првиот квартал од 2013 година реализирани се 38 милиони денари приходи од основниот буџет, ставка што се полни од општинските такси и претставува параметар со кој се мери способноста во менаџирањето со општинските приходи од страна на градоначалникот како предлагач на буџетот на општината.
Во проценти тоа значи заостанување од 15 отсто во однос на планираните буџетски приходи за првиот квартал од годината.
Целиот годинашен буџет е позициониран на 541,1 милион денари, а реализирани се вкупно приходи по сите буџетски ставки од 85,1 милиони денари, или 15,7 отсто. Тоа е слаб залет за второто мандатско раководење со општинската каса на првиот човек од локалната самоурава во Гевгелија.
Во првиот квартал од годината реализирани се вкупно расходи во висина од 78,1 милион денари, од кои 63,5 за тековно оперативни расходи и 14,6 милиони денари се капитални расходи.
Соодносот од 18,7 % од средствата што се искористени за капиталните трошоци, наспроти 4,34 пати поголемиот дел од средствата што се потрошени за тековни работи, укажува на несоодвентата и неразвојната компонента на буџетот на Општина Гевгелија за 2013 година.
Градоначалникот Франгов и во минатите години од извршувањето на својот прв мандат на истата функција покажа незавидни резултати во однос на остварувањето на буџетските приходи, па во сите четири години спроведе буџетски дебаланс поради дефицит на средства.
Најголема буџетска регресија покажа во минатата 2012 година со нивелирање на планираните со остварените буџетски приходи за 17,2 %. Голем дисбаланс покажа и во 2010 година со намалување на буџетските приходи за 16,6 %. Во 2009 година направи корекции на буџетските планирани со остварени позиции од 9,09 %. Најмала, но, сепак, пак негатива во остварувањето на буџетските планирани позиции покажа во 2011 година со намалување на буџетските приходни ставки за 5,2 отсто.
Со ваква финаниска негатива, прашање е како градоначалникот ја доби довербата за втор мандат. Не е тајна дека пред неговото номинирање за кандидат премиерот во улога на лидер на партијата трипати ја посети Гевгелија, направи три предизборни митинзи и призна дека сè што сторил Франгов, зад него стоела и партијата.
Дали мислеше и на распродаденото градежно земјиште по багателна цена од едно евро за метар квадратен, со кој купувачите имаа обврска за девет месеци да започнат со изградба, а парцелите сèуште стојат како зелена негибната ледина.
А.Д.