Изминува една година од првото решение на Републичката Агенција за храна и вода со кое беше наложено да се исклучат од употреба бунарите за вода 1 и 3 кај Моин од системот за водоснабдување на општина Гевгелија, поради зголемено присуство на отровната материја арсен.
Оттогаш до денеска надлежните општински тела не изнесоа ниту еден факт дека е постапено според укажувањата на Републичката Агенција за храна. Неинформираните граѓани и понатаму ја употребуваат водата од градскиот водовод, несвесни за опасностите што таа ги носи со присуството на тивкиот убиец, како што го нарекуваат арсенот во многу книжевни и криминални изданија. Наместо информации како да се заштитат, дали да ја користат само за хигиена, но не и за пиење и приготвување храна, општинските власти направија само еден театрален гест, објавувајќи информација во општинскиот Дневен билтен дека градоначалникот на Општината се напил чаша вода од градскиот водовод. Дали ова може да биде доволен аргумент дека нештата се во ред? Секако дека не.
Токму поради многуте прикриени факти за прашања што со својата важност проникнуваат во квалитетот на животот на сите жители на општина Гевгелија, што е од огромно значење за здравјето на луѓето, поради неговата широкоопфатност, советничката група на СДСМ во општинскиот Совет поднесе иницијатива за расправа по прашањето за „здравствената безбедност и квалитетот на водата за пиење во Гевгелија“. Во образложението на својата иницијатива тие посочуваат дека давателот на услугата, во конкретниот случај Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ од Гевгелија, е должно на корисниците на услугата да им обезбеди трајно и непрекинато снабдување со здравствено исправна и чиста вода за пиење, преку изграден водоснабдителен систем (согласно член 8 од Законот за водоснабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води).
Меѓутоа, со решение број 16-03 од 24.09.2012година, издадено од Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ, водата од бунарското подрачје Моин Гевгелија, поради зголемено присуство на арсен во тестираните примероци на вода, констатира дека таа не е безбедна за конзумирање и е забранета за пиење.
Давателот на услугата ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија, иако известен од јавната здравствена установа „Институт за јавно здравје“ на Република Македонија за зголеменото присуство на арсен, според утврдените резултати на терен очигледно е дека на презел никакви мерки за надминување на состојбата за намалување на концентрацијата во безбедни граници. Ова го покажуваат неколкуте последователни мерења со кои се утврдени растечки концентрации на арсен во земените примероци вода за испитување. Така, состојбата со присуството на арсен на 5.12.2012 година изнесувала 12,7 микрограми на литар вода (се однесува на наод од Бунар 1). Дваесетина дена подоцна постапката на испитување е повторена и констатирано е дека на 26.12.2012 година присуството на арсен е 12,3 микрограми на литар вода. Следните дваесет дена концетрацијата е зголемена со резултат од 17,4 микрограми арсен на литар вода, што е констатирано при испитаниот примерок од 15.1.2013 година.
„И покрај сите овие наоди водата во Гевгелија и понатаму се употребува“, констатираат од советничката група на СДСМ во образложението за предлог-точка на дневен ред на седница на Советот на општина Гевгелија.
Тие понатаму посочуваат дека стручното мислење за трите извештаи наведени претходно од тестирањето на здравствената безбедност на водата е фрапантно за граѓаните и во него се вели:
„ Испитаниот примерок вода за пиење не одговара на законските и стручни прописи во однос на физичко-хемиската анализа поради зголемената содржина на арсен. Потребно е да се изврши деарсенификација (редукција на арсен) и редовна дезинфекција на водата за таа да може да се користи како вода за пиење“.
И покрај сите изнесени факти, мерења, анализи, стучни мислења и препораки да не се користи водата, мнозинството советници во гевгелискиот совет кои се од истите партиски редови како и градоначалникот и директорот на гевгелиски „Комуналец“, одбија точката предложена од советничката група на СДСМ да биде разгледана на седница на Советот на општината.
Дали тоа значи дека е сè во ред, или превезот на молк за неодговорниот однос на локалните власти и понатаму се вее околу темата вода. Ако не им е јасно на тие што не знаат да читат меѓу редови, уште понејасно им е и на вработените од детската градинка „Сончогледи“ во Гевгелија, во чиј примерок во јануари годинава е констатирано присуство на арсен од 17,4 микрограми на литар вода. Наместо одговор од надлежното претрпијатие што треба да ги преземе заштитните мерки за деарсенификација и дезинфекција на водата, првиот човек на Комуналец , директорката Убавка Вегова, на 26.6.2013, со допис број 03-710/1, по пет месеци од земениот примерок вода, упатила писмо до детската градинка „Сончогледи“ во кое, наместо препораки за заштита или доказ за преземени активности за подобрување на квалитетот на водата, им напишала:
„Ви препорачуваме, доколку и вие сметате дека е потребном, да користите пакувана вода за пиење“.
Никакви предупредувања дека водата е загадена со двојно поголеми количини арсен од дозволените и никаква одговорност што децата пет месеци ја пиеле загадената вода од градскиот водовод.
Проф. д-р Михаил Kочубовски, началник на одделението за безбедност на вода при Институтот за јавно здравје, вели дека во Гевгелија има забрана за користење на водата од градскиот водовод за пиење и за готвење. Досега сè уште не е донесена одлука за повлекување на забраната, вели проф. д-р Kочубовски.
Наместо јавно да се проговори за квалитетот на водата од гевгелискиот водовод, која и понатаму се употребува, дури и од бунарските подрачја кај Моин, зашто да беа исклучени досега Гевгелија на летната жега ќе имаше сериозни проблеми и рестрикции во водоснабдувањето, општинските власти на предлог на гевгелиски „Комуналец“ донесоа одлука да се стави во мирување постојната одлука за определување на просечната месечна потрошувачка на вода за пиење по член на семејно домаќинство во општината до конечната реализација на проектот за замена на водомерите со нови. И, повторно забошотување на јавноста со темата вода: наместо за квалитетот на водата за пиење, акцентот на истата седница се префрли на темата трошоци – како се одлага примената на одлуката за двојно наплатување на потрошената вода, ако таа изнесува над определениот лимит од пет метри кубни по член на домаќинство.
Ова е фер олеснување на трошоците за семејниот буџет, зашто, додека се инсталираат новите водомери, некои граѓани ќе мораа да плаќат скапи паушали за искористената или натпишана кубикажа на потрошена вода. Но, дали е сето тоа поради сериозна грижа за граѓаните или прикривањето на вината за потребата граѓаните да пијат флаширана вода наместо таа што ја плаќаат од градскиот водовод. Ако ги следиме здравствените стандарди, едно ворасно лице треба да користи два литра вода дневно за пиење. Дури и негазираната вода во комерцијална продажба има цена од најмалку 20 денари. За еден месец, едно просечно семејно домаќинство од четири лица за вода треба да одвои од домашниот буџет околу 4800 денари. Ова е петпати повеќе од месечната сметка за вода што ја плаќаат жителите на Гевгелија. Па, сега лесно може да се види дали добиваат нешто со одложената одлука или веќе цела година се во загуба со едногодишното несвесно труење со присуството на арсен во водата и со седуммесечното двојно плаќање за водата што изнесува над пет кубика по член на домаќинство.
Додека комуналците ги пресметуваат билансите на успех на претпријатието, или загубата поради отстапката од одлагањето на одлуката за двојна наплата на водата со потрошувачка над дозволениот лимит, ние се позанимававме со стапките на смртност на жителите на Општина Гевгелија. Според податоците од Државниот завод за статистика, од 2011 до 2012 бројот на умрени во општината се покачил за 7%, од 244 во 2011 до 261 умрени лица во 2012 година. Бројот на лекувани во здравствени установи расте побрзо со процент од 10,5% (од 209 лица во 2011 до 231 лице во 2012 година).
Треба ли да ги чекаме статистичките резултати до крајот на годината за да биде преземено нешто сериозно за здравствената безбедност на жителите на општина Гевгелија по прашањето за квалитетот на еден од основните елементи за живот, водата, која ја плаќаме заедно со невидливиот отров што ни го сервираат со секоја чаша „комуналка“ од гевгелискиот водовод.
Дали причината за зголемената смртност на гевгеличани лежи во присуството на арсенот во водата? Елемент за кој Светската здравствена организација утврдила дека е опасен по здравјето на луѓето, затоа што успева да ја наруши структурата на човековата ДНК преку кршење на хромозомите, што како последица има појава на леукемија и други канцерогени заболувања.
Секако дека не мора, ако власта на локално ново собере храброст да се справи со проблемот „арсен“ во градскиот водовод.
А.Д.