Oд кумановското Јавно претпријатие “Водовод”, денеска апелираа за рационално користење на водата.
Според информациите на надлежните од кумановското претпријатие, до филтер станицата пристигнуваат 210 литри вода во секунда од браната, а дополнителни 100 литри пристигнуваат од алтернативните бунари од населбата Бедиње и Проевце.
– Со ваков дотур на вода до пред три дена, пред зголемување на температурите, водоснабдувањето се одвиваше нормално. Но, со покачување на темпертурите дојде и до зголемување на потрошувачката на вода. Затоа, апелираме до граѓаните рационално да ја користат водата, за да не се соочиме со намален дотур на вода во високите зони од градот, изјави заменик директорот на ЈП Водовод, Драган Јаневиќ.
Тој апелираше до граѓаните да не ја користат водата за полевање на бавчи, на зелените површини, за миење автомобили и дворови за да не се сочаат со намален дотур на вода граѓаните од критичните зони од градот.
– На овој наш повик очекуваме да се вклучат и одговорните од водостопанство “Кумановско – Липковско Поле” со пуштање на бај пасот да се овозможи нормално водоснабдување и при вакви високи темпертури, рече Јаневиќ.