Кулиќ го достави нацрт-извештајот за загинувањето на претседателот Трајковски

Од:

Омер Кулиќ, шефот на меѓународниот тим што изврши повторна истрага за авионската несреќа во која загина претседателот Борис Трајковски, денеска му го предаде официјално нацрт-завршниот извештај од спроведената истрага на претседателот на Комисијата за воздухопловни несреќи и сериозни инциденти и овластен претставник на Република Македонија, Сотир Костов.

Македонската комисија во наредните две недели ќе го разгледа извештајот и ќе ги достави евентуалните забелешки, мислења и сугестии, по што до крајот на годинава конечната верзија на документот треба да им биде предадена прво на властите и јавното обвинителство во Босна и Херцеговина, а потоа и на власта и јавното обвинителство во Македонија.

За двегодишната истрага на несреќата се потрошени околу 10 милиони денари.

Овластениот претставник Костов денеска информира дека ќе назначат од 6 до 8 советници, кои ќе им помогнат во разгледување на нацрт-извештајот, а тоа ќе бидат експерти искусни пилоти, контролори, авиоинженери, кои ќе дадат стручно мислење со кое ќе се потпре стручната екпертиза на извештајот.

– Од денеска сме во преговори за назначување тројца независни воздухопловни стручњаци, двајца доктори и еден магистер, да дадат свое независно мислење за овој извештај, а немаат обврска да ни го дадат нам на одобрување, туку кога ќе го направат ќе можат да го обелоденат пред јавноста независно од нас, изјави Костов на денешната прес-конференција.

Нивното мислење, потенцира, ќе биде независно од мислењето на Кулиќ и неговата комисија и од истражителите од Македонија.

– Не ме прашувајте што пишува во извештајот, не можам сега да кажам. Немојте да ме прашувате дали има одговорни затоа што тоа не можеме да ви го кажеме бидејќи согласно правилата по кои работиме наша задача е да кажеме што и како се случило и да дадеме препораки што да се направи за такви работи во иднина да не се случуваат, рече Кулиќ, кој денеска е во Скопје, изразувајќи надеж дека за дваесеттина дена ќе биде објавен завршниот документ со деталите. Најави дека ќе има долги разговори со надлежните во јавните обвинителства и во БиХ и во Македонија, кога ќе им го предава завршниот извештај.

Извештајот, рече шефот на истражниот тим, ќе содржи детали за несреќата, од полетувањето на авионот „Кингер“ на скопскиот аеродром, па се до падот, неколку минути пред да слета во Мостар. Тој посочи дека некои од деловите на паднатиот „Кингер“ се вештачени во Центарот за истражување авионски несреќи во Германија.

Нагласи дека е направена целосна реконструкција на летот, а ќе има и видео снимка заедно со автентичени аудио снимки од разговорите во кабината од летот на „Кингерот“.

– Постои разлика помеѓу првата и оваа истрага, што потврдува дека повторната е со причина направена. Дојдовме до некои нови моменти за причините на несреќата, рече Кулиќ.

За време на истрагата, членовите на тимот немале никакви опструкции, ниту притисоци. Одредени субјекти, истакна, не сакале отворено да соработуваат, но тоа, рече, ќе го соопшти кога ќе го достави завршниот извештај.

– Направивме два симултани лета за време на истрагата со авиони во живо. Зедовме ист тип авион „Кингер“ со кој загина претседателот Трајковски, го изнајмивме од Белград, за да потврдиме некои наши заклучоци, појасни Кулиќ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Голем пожар кај „Борис Трајковски“ во Карпош

Анита Петровска Рајковиќ

ВИДЕО: Одбележана годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски

Ана Ололовска

Државниот врв денеска ја одбележува годишнината од смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски

Ана Ололовска

Борис Трајковски, Киро Глигоров и Никола Кљусев најпопуларни политичари во изминатите три децении

А1он

Одбележана годишнината од раѓањето на претседателот Борис Трајковски

Навалица за вакцинирање во „Борис Трајковски“, закажаните за в сабота дошле денес оти сакале да користат продолжен викенд

Маја Илиевска-Пачемска