Постои можност, на самитот на ЕУ во јуни, Македонија да дибие датум за преговори. Но, за да се случи тоа, потребно е локалните избори да се спроведат на демократски начин во согласност со европските норми и стандарди, и внатрешно-политичката ситуација се развива врз основа на политичкиот дијалог со целосно исполнување на демократските функции на Парламентот, како и нормален демократски дијалог меѓу Владата и опозицијата, оценува европартеникот и известувач во сенка за Македонија Едуард Кукан.
Според него, во ЕП и во добар дел од политичките групи има големи симпатии и желби Македонија да напредува и натаму. Тој со оценка и дека решението за името, исто така е важно.
– Тоа зависи од двете страни. Тука не е само една земја и ние знаеме дека Владата, премиерот и претседателот на Македонија имаат направено многу за да се најде компромисно решение и се надеваме дека другиот партнер ќе настапи исто така на основа на компромисно решение, бидејќи тоа, очигледно е многу важно, вели европратеникот Кукан во изјава за Дојче Веле.
Тој додава дека кај европратениците постои задоволство што мисијата на комесарот Штефан Филе, заедно со европратениците Јиржи Бузек и Ричард Ховит донесе поволни резултати. Во ЕП се оценува поволно подготовноста на политичките лидери од Македонија повоторно да зборуваат меѓу нив и да најдат компромис.
Ричард Ховит, пак, има предложено 18 компромисни амандмани, кои според европратениците на „многу избалансиран начин ги земаат в предвид претходно предложените 203 амандамани“.
– Кај известувачот Ховит, постои искрена желба да и’ помогне на Македонија на патот на европската интеграција, исто како и кај нас другите известувачи во сенка, истакнува Кукан.
Германската европратнеичка Дорис Пак оценува дека гласањето за резолуцијата кое беше одложено поради случувањата во Македонија, е направено, „бидејќи очекувавме дека ќе се случат попријатни работи во Македонија, од она што го видовме досега.“
– Сега една од нашите најголеми очекувања е изборите да поминат во најдобар ред, нагласува Пак.
Таа не очекува дека резолуцијата на ЕП ќе биде покритична од првичната верзија.
– Видовте во расправата во Комисијата ние ги направивме сите потребни критики и ако во случај има нешто да се поздрави во Македонија, ние ќе бидеме најсреќните да го направиме тоа, вели германската европратеничка.
Европратеникот од Бугарија Евгениј Кирилов, кој меѓу европратениците најмногу ги критикуваше случувањата по 24 декември во Македонија, е на мислење дека тие ќе се одразат во резолуцијата.
– Тоа што се случи е неспорно, нешто негативно и создава лош впечаток за земјата. На крајот ако тоа така не е оценето, тогаш тоа ќе нема смисла. За случувањата ќе имаме критичен третман, изјави Кирилов.
Запрашан дали е оптимист дека Бугарија и Македонија конечно ќе најдат решение за недорабирањата, Кирилов вели дека треба да се најде начин за да се излезе од овие ситуации.
– Но, за тоа – дали сум оптимист или песимист, можам да кажам дека чашата е полна до половина, посочува Кирилов.
Во ЕП многу од европските пратеници велат дека имаат впечаток оти понекогаш тие изгледаат позаинтереисрани за европската агенда на Македонија отколку македонските политичари, но и оти тоа не е случај само со Македонија.
– Јас сум известувачка за Босна и Херцеговина и можам да ви речам дека таму е уште полошо. Политичарите треба да ја преземат сета одговорност и да направат се’, за да се избегне назадување. Однесувањето на опозицијата беше неодговорно, истовремено, како што веќе имам речено, има многу националистички движења кои предизикуваат пречки. Тоа не служи за ништо, бидејќи тоа само и’ носи вода на воденицата која се наоѓа во соседната држава, забележува европратеничката Дорис Пак.
Гласањето на резолуцијата во Комисијата за надворешни работи на ЕП е предвидено за 8. април, додека на пленарна сесија се очекува резолуцијата да биде разгледана и изгласана во мај.