Почитувани присутни,
Имавме прилика преку медиумите и изјавите на владините претставници да добиеме информација дека Предлог законот за заштита од пушење пред да пристигне во Македонското Собрание претходно поминал серија консултации на извршната власт со еснафските здруженија и претставниците од тутунската индустрија. Целиот овој консултативен процес бил наменет за да се постигне компромис и да се намали потенцијалот на економски и социјални штети.
За разлика од овој пристап, за Предлог законот за игри на среќа и забавни игри, извршната власт постапи обратно и буквално ги игнорира засегнатите страни, иако станува збор за економски сектор кој вкупно гледано е најголем приватен работодавец во Македонија. За жал, никој од надлежните не смета дека ние вработените кои секојдневно ја спроведуваме постоечката регулативата за игри на среќа, која е една од најстрогите во регионот и пошироко, треба да дадеме идеи и предлози за подобар закон.
Осум години сме заложници на различни политички структури кои си поигруваат со нашите судбини тогаш кога мислат дека може да печалат гласови преку жртвување на нашите работни места. Осум години живееме во грч, неизвесност, заедно со нашите семејства се тресеме дали ќе останеме на улица, со нецелосно исплатени кредити, со активирани хипотеки и со авионски карти за еден правец – иселување во странство.
Сакам да ја искористам оваа прилика и да го прочитам писмото кое нашето Здружение на вработени „САКАМ ДА РАБОТАМ“, на 20 мај 2026 година, го испрати до Претседателот на Македонската Влада, проф. д-р Христијан Мицкоски.
Почитуван Претседател на Влада, проф. д-р Христијан Мицкоски,
Се обраќаме до Вас длабоко загрижени за сопствената иднина. Предлог законот за игри на среќа кој Вашата Влада му го предложи на Собранието содржи одредби кои индиректно предвидуваат затворање на речиси сите постоечки легални објекти за игри на среќа. Зборуваме за дистанцата од 500 метри која според сите наши анализи, но и согласно признанието на актуелниот градоначалник на Чаир и Ваш коалиционен партнер, г-дин Изет Меџити, е одредба која во суштина е наменета за затворање на овој економски сектор.
Земајќи предвид дека на одговор на новинарско прашање, соопштивте дека стоите зад предлог законот затоа што верувате дека тој ќе ги реши проблемите, ние сме затечени и со право се прашуваме кој ќе не брани нас.
Затоа, решивме со ова писмо да се обидеме сликовито да ви објасниме што преживуваат најмалку десет илјади вработени со своите семејства чекајќи да се усвои нов Закон за игри на среќа, кој повторно содржи одредби со кои нашата судбина е запечатена. Само, за разлика од дежурните критичари на игрите на среќа кои нема да носат никаква одговорност за страшните последици кои ќе следат, ова се реални наши животни драми.
Вака изгледаат сведоштвата на вработените во секторот игри на среќа:
„Се вработувате во компанија на која од владата и е издадена лиценца за приредување игри на среќа. Фирма со странски капитал, бренд познат во светски рамки. Тоа ви влева самодоверба дека сте добиле сигурна работа. Во ова време на економски потреси тоа е реткост. Посетувате платена обука, стекнувате високи професионални вештини. Почнувате да работите, добивате редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и работење во смени, бидејќи работното време е 24/7. Стекнувате финансиска сигурност. Склучувате брак, ви се раѓаат деца, решавате да подигнете кредит за да купите стан, автомобил, бидејќи сте со стабилни, редовни приходи и сте во можност да ги плаќате ратите.
Одеднаш, како гром од ведро небо, Владата која издала лиценца за работа, предлага нов закон кој треба конечно да стави клуч на легалните објекти за игри на среќа. Политичарите велат дека сте општествено зло, ве нарекуваат мафија, картели, објавуваат справување со секторот во кој работите. Како родител на малолетно дете не можете да прифатите дека се води безобзирна црна кампања во која не се избираат средства да ве оцрнат како криминалци. Почнува да ве фаќа несоница од помислата дека останувате без работа. Нема да можете да ги плаќате кредитните рати, ве обзема страв дека ќе си имате работа со извршители. Немате избор, почнувате да барате контакти во странство за да дознаете какви можности имате да работите таму. Пишувате биографија и ја испраќате. Со работното искуство во игрите на среќа можете веднаш да најдете работа во западните земји, во ЕУ. Со тешко срце почнувате да го подготвувате семејството за иселување од Македонија.“
Почитуван Претседател,
Ниту една политика не може да биде поважна од реалните човечки судбини. Дали Вашата Влада има план каде и како ќе вработи најмалку 10 илјади луѓе кои за кусо време после евентуалното усвојување на Предлог законот за игри на среќа, ќе останат на улица. Дали на Македонија и е потребна нова социјална бомба? Веројатно, заради тоа што со години се води црна кампања против игрите на среќа, стравувате дека секое застанување во наша одбрана можеби ќе ви направи политички зијан. Не е така. Зошто кога се оди на туристички патувања во Лас Вегас, Монако, Лондон, Париз, Берлин, Малме е модерно да се фотографирате во тамошните казина? Зошто во Македонија станува ерес да има легални игри на среќа?
Застанете во наша одбрана, не дозволувајте да не избркаат од Македонија, затоа што како што тргнала работава на крај ќе нема кој да гласа на избори.
За жал, до денес, кога се одржува оваа јавна расправа, ние не добивме одговор од нашиот Премиер.
Почитувани пратеници,
Ние не сме гости во сопствената држава. Албанските дипломирани правници бараат да полагаат правосуден испит на мајчиниот јазик, на највисоко ниво веднаш им се ветува решение. Ние испраќаме писма, протестираме, нема никаков ефект. Ни должите одговори, зошто игнорирате над 10 илјади вработени во игрите на среќа? Дали причина за тоа е што 90 проценти од вработените сме Македонци кои можеби треба да станеме жртви на политичко-етнички инженеринг? До кога легалните игри на среќа и вработените ќе страдаат заради негативната кампања на дежурните критичари, кои никогаш нема да преземат одговорност кога ќе се отворат играчници на црно по подруми каде младината ќе биде лесна цел?
Како здружение сме подготвени со сите демократски средства да го заштитиме нашето уставно загарантирано право на работа. Надлежните кои предлагаат затворање на легалните објекти за игри на среќа ни должат одговор каде ние да се вработиме, со поминати професионални обуки и работно искуство за приредување игри на среќа по највисоки светски и европски стандарди? Дали сте свесни дека со евентуалното изгласување на ваков закон, директно придонесувате за нови 35 илјади кандидати за иселување од Македонија?
