Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривични пријави против четири лица меѓu кои и za поранешниот градоначалник на Неготино поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР З.Л., вработен во Општина Неготино, во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, заедно со Ѓ.Т. и И.З. вработени во Општината, членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка, во текот на 2014 година со неизвршување на своите службени обврски постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки. Тие без да обезбедат согласност од Советот за јавни набавки, распишале оглас за набавки за работи – рационализација и унапредување на јавна водоснабдителна мрежа на подрачје на Општина Неготино. Исто така, пријавените во огласот за набавки предвиделе критериуми и технологија која упатува на конкретно производство, наведувајќи критериуми кои дискриминираат и ја ограничуваат конкуренцијата и го објавиле без да бидат точно наведени кои позиции и што ќе се изведува. На овој начин, тројцата спротивно на законот, спровеле постапка за јавна набавка и изготвиле Извештај во кој дале предлог за најповолна понуда да се одбере конкретна понуда од група понудувачи.
Првопријавениот В.А., во својство на тогашен градоначалник на Општина Неготино, кривичното дело го сторил со неизвршување на својата службена должност, иако бил должен да донесе посебна Одлука за изработка на основен Проект, врз основа на кој ќе се распише набавка за изведба, и иако имал обврска да увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, тој со кршење на одредбите од Законот донел Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на Општина Неготино со група понудувачи на 29.08.2014 склучил Договор за проектирање и изведба на работи за рационализација и унапредување на јавниот водоснабдителен систем во Општина Неготино со вкупна вредност на договорот од 21.237.740,48 ден. (или 345.330 EUR).
Oд МВР велат дека четворицата осомничени им овозможиле на правни лица да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 21.237.740,48 ден.