На 15.11.2022 во 10 часот во полициската станица Кисела Вода бил извршен службен разговор со Н.Ј.(35) од Скопје поради сомнение дека на 11.11.2022 во канцеларијата на директорот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, поради непродолжен договор за работа, со тврд предмет оштетил дел од инвентарот и со бензин предизвикал пожар.
-Во службениот разговор тој го признал делото. Н.Ј. бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ – извести МВР.
Како што објавивме, студентите во студентскиот дом „Пелагонија“ беа силно вознемирени од инцидентот во кој две лица ја искршија и потоа ја запалија канцеларијата на директорот Агим Фејзулаху.
Студентите кои се сместени во собите на приземје веднаш до канцеларијата на директорот за „А1он“ рекоа дека околу 9.30 часот ги разбудиле силни удари и гласна експлозија.
„Во 9.30 се случи. Ние спиевме и тоа не разбуди. Слушнавме добри десет силни удари од некое лице и одеднаш слушнавме силна експлозија. Прозорците се искршија. Не сме повредени, само вознемирени. Многу силно пукање беше. После ударите со тврд предмет слушнавме само глассови “бомба, бомба“ од студентките над нас“, рече еден од студентите кој сакаше да остане анонимен.
При експлозијата нема повредени, но има голема материјална штета. Студентите не ги виделе лицата што го сториле делото, но чудно им било што обезбедувањето задоцнило со реакцијата.
„Чудно е тоа што имаше сериозни удари, а никој од обезбедувањето не дојде, траеше околу 20 секунди. Мислевме дека работат нешто и туркаат нешто, но по експлозијата која не извади од памет, сфативме дека се работи за насилен напад. Причините не ни се познати затоа што ние не го познаваме ниту директорот“, рекоа за „А1он“ студентите од собите близу канцеларијата.
МВР пак соопшти дека поранешно вработено лице во студентскиот дом „Пелагонија“ заедно со уште едно лице, по претходна расправија со директорот Агим Фејзулаху кој е кадар на ДУИ, ја искршило и запалило канцеларијата утрово околу 9.30 часот.