Скопскиот Кривичен суд во денешното соопштение ги демантира тврдењата на дел од адвокатите во судскиот процес „Дива населба“ дека судот не обезбедува услови за водење на постапката.
– Бидејќи Врховниот суд го одби нашето барање за користење на големата сала на овој суд, главната расправа се одржува во големата судница на нашиот суд каде се обезбедени сите неопходни услови согласно Законот за кривична постапка за водење на процесот, велат од Судот.
На денешното судење, како што се наведува во соопштението, освен обвинетите и нивните бранители, како и лицата задолжени за спровод и обезбедување, во судницата биле присутни и претставници на мисијата на ОБСЕ и Косовската амбасада. – Дополнително, заради транспарентно и непристрасно следење и пренесување на случувањата во судницата, судот обезбеди видео-конференција од судењето за медиумите, во библиотеката на судот каде денеска присуствуваа 23 новинари од различни медиуми, како и претставници на Хелсиншкиот комитет и Коалицијата – Сите за правично судење, се додава во соопштението.
И покрај ваквата состојба, како што посочуваат од Кривичниот суд, во судницата биле обезбедени дополнителни 10 до 15 места предвидени за роднините на обвинетите кои побарале присуство како јавност.
Но, и покрај сето тоа, како што велат од Судот, дел од адвокатите во процесот се спротивставиле на ваквата одлука на Судот и наместо со правни аргументи да го образложат нивното барање, решиле да го напуштат судењето се додека Судот не обезбеди услови за присуство на сите роднини на обвинетите кои беа пред судската зграда.
– Заради тоа судот, согласно член 361 в.в со член 88 од ЗКП донесе решение со кое адвокатите Насер Рауфи, Мефаиљ Арслани и Бујар Дардишта ги казни со по 1.200 евра, заради навреда на судот, непочитување на наредбите на претседателот на Советот и пролонгирање на постапката, а воедно адвокатите Рауфи и Дардишта кои по кратката пауза дадена од судот не се вратија на судењето ги задолжи да ги платат сите трошоци за спровод и обезбедување на денешната главна расправа, се наведува во соопштението.
Од Кривичниот суд апелираат до сите субјекти кои на каков било начин се инволвирани во овој процес, дека освен правата, обврските и желбите кои ги имаат обвинетите и нивните роднини, подеднакви се и правата, обврските и желбите на оштетените и семејствата на жртвите од конкретниот настан. – Токму затоа, а со оглед што ваквите барања не се во функција на спроведување на Законот за кривична постапка, не треба дополнително да се разгоруваат страстите на двете страни со што воопшто не се придонесува за водење на постапката во смирена атмосфера во која судот, обвинителството, одбраната и медиумите како јавност ќе може професионално да ја извршуваат својата работа, се наведува во соопштението.
По завршување на главната расправа, како што стои во соопштението, претседателот на судот по барање на неколку претставници на семејствата на обвинетите, остварил средба со нив во присуство и на косовскиот амбасадор во Македонија, на која од страна на претседателот им било објаснето дека судот ги има исполнето сите права и обврски кон обвинетите, загарантирани со закон, во поглед на правото на посети на нивните роднини, а воедно им било објаснето дека присуството на роднини на обвинети на главна расправа не е предуслов за одржување на судењето.
Од Основниот суд Скопје 1 – Скопје информираат дека како суд уште на 18 февруари годинава се обратиле до Министерството за правда со барање министерот за правда доколку е во можност со посебна одлука да им ја додели големата сала на Врховниот суд на користење со што би се надминал проблемот кој е предизвикан со постапување по овој предмет од технички аспект. – Во спротивно, доколку и на овој начин не се обезбеди големата сала на Врховниот суд, бараме да ни определи друга поголема просторија надвор од судската зграда каде би се одвивал процесот на судење по овој предмет, притоа внимавајќи на достоинството на судот и странките, посебно од аспект на големата медиумска заинтересираност за процесот, се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 1 – Скопје.