Критична маса #34: Човек на точак, не точак на човек!

Од:

Високи рабници на кои при искачување се напнуваш да го поткренеш тркалото, а при симнување си треснуваш; непрописно паркирани возила и нелогично поставени автобуски постојки поради кои мораш да се спушташ на коловоз сред опасни брзаци; лошо поставени знаци, билборди и светилки поради кои возиш слалом; нелогично прекинати патеки поради кои мораш да го креваш точакот во раце – се реалноста со која се соочува секој кој се обидува да вози точак во Скопје.

Во Скопје возењето точак е поистоветено со спорт и тоа е суштинската причина зошто Скопје не е пријателски град за точаци.

Перцепцијата на точакот единствено како спорт (од граѓаните, од луѓето вработени во општинските администрации, па се до највисоката власт), како нешто кое го користат само оние кои сакаат да развијат мускули, само младите, само вештите, само мала група граѓани, прави моменталните услови во Скопје да се прифатат како нормални: „па ќе го кренеш малку, и тоа е вежбање“.

Превезувањето со точак е лесна физичка активност која многу годи по здравјето. Тоа е аргумент велосипедскиот сообраќај да се вброи во категоријата здрав транспорт, но не е аргумент да се избрише од транспорт и да се вброи како спорт!

Точак не е само спорт, точак е и транспорт!

Кога точакот се смета како транспорт, тогаш мора да имаат можност и услови да го користат сите! И младите и постарите и децата! И вештите и помалку вештите! И оние кои сакаат да спортуваат, но и оние кои сакаат само безбедно да стигнат од една до друга точка без никакви пречки!

Според истражување на Европската комисија, најголем мотиватор (дури за 70 % од луѓето) за изборот на превозно средство е постоењето на соодветна инфраструктура и погодности за користење на тоа превозно средство.

Во каква инфраструктура вложуваме, таков сообраќај и добиваме.

На точак не загадуваме, не правиме бука и метеж, на точак градиме почист град, поведар, подобар. Затоа точакот како сообраќај заслужува повисоко место во градските политики!
Од нас зависи да кренеме глас, од Град Скопје да ги реши проблемите, за да биде возможно секој, баш секој, кога ќе посака и ќе има потреба да може да се превезува со точак, еднакво како што има услови да се превезува со кола.

Да возиме, посочуваме, критикуваме, бараме. Скопје треба да добие функционална мрежа на велосипедски патеки низ целиот град, да се интегрираат во неа патеките покрај Вардар, да се заменат сите рабници со рампи, да се отстранат сите пречки. Возењето точак треба да е возможно за сите генерации и способности, да е издвоено од автомобилски сообраќај или решено со зони на смирен сообраќај, да биде безбедно и удобно, да биде прифатено од сите како нешто нормално и почитувано.

Точаци се за возење, не се за кревање!
Човек на точак, не точак на човек!

Се гледаме на Критична маса #34 на 25. февруари со почеток од 17:30 часот од Плоштад Македонија, да порачаме дека точак е за возење и точка.

Ѕрн ѕрн!

Би можело да ве интересира

НаТочак: Безбедноста да биде приоритет во креирање на сообраќајните политики

А1он

Бројот на скопјани кои користат велосипед се зголемил во корона кризата

Ана Ололовска

Кампања на „Одржливи иницијативи“ и „НаТочак“ за повисока свест за намалување на климатските промени

Ана Ололовска

Седум години Критична маса во Скопје

Ана Ололовска

„На точак“ ги повикува велосипедистите на роденденски протест

Ана Ололовска

„На Точак“: Град Скопје да се приклучи кон кампањата за превоз што не вклучува автомобил

Ана Ололовска